сабота, 19 октомври 2024

Верувале или не: сѐ уште сме во игра за полуфинале!

Објавено на

часот

Сподели

Данска ни зеде многу, ама може и да ни врати

Сѐ уште никој не може да поверува, како на филмска лента се редеа несреќните моменти за Македонија во завршницата со великаните. Прво Шведска се извади, па Германија уште повеќе, а баш таа селекција нѐ величи што ја елиминиравме Чешка за да пренесе максимум бодови. Од вчера и и Данска, која остана во игра за полуфиналето. Ако се собере со тоа како игравме и ги надигравме гигантите, Кире, Мојсо, Жути, Столе, Борко и другите требаше сега да слават полуфинале, историски пласман, еднаков на кошаркарскиот.

Во рацете на трите ракометни репрезентации-гиганти лежи македонски успех. Нашата задача е спортски да ги доиграме другите два меча со Полска утре и со Србија в среда и да се обидеме да победиме и да не дозволиме тагата да го надвладее духот на селекцијата.  Македонија може да се избори за полуфинале, но многу коцки треба да се поклопат. Дали имаме шанси, вчера по мечот сите сметаа и правеа планови, опции. Математиката вели дека шанси постојат.

Стоилов е откритие на првенството, заслужува да игра за висок пласман

Македонија со еден бод е последна во првата група. Табелата вели – Германија и Србија по 5 бода, Полска три, Данска и Шведска по два. Математички, максимално што ракометарите може сега да освојат се пет бода, значи да се изедначат со Германија и со Србија. Германија за нас е недостижна, затоа што и со ист број бодови, тие се пред нас, поради нивната среќна победа во Ниш. Значи, целта е да ја стигнеме Србија, со која го играме последниот меч. Може ли тој да биде решавачки?

До дуелот со северниот сосед, кој е импресиониран од македонската инвазија, прво нашите ракометари треба да ја победат Полска, за да ја задржат шансата за полуфиналето. Победата со Полска е императив. Помош ни треба најпрво од Германија, да ја продолжи започнатата победничка серија и против Данска (дуелот е веднаш по нашиот в понеделник), а потоа помош и од Шведска, која треба да го победи домаќинот Србија (мечот е последен на програмата). Вака комплетираното коло ќе донесе промена на табелата, па Германија ќе има 7 бода, Србија ќе остане на пет, Шведска ќе рипне на четири, ние ќе стигнеме на три и ќе бидеме пред Полска (исто така три, но со послаб меѓусебен скор) и Данска ќе биде последна со два.

Ваков исход ќе ја зоврие групата за последното коло в среда. Друга поволна калкулација за нас и нема. Во вечерниот меч со Србија ќе мора да победиме. А дотогаш ни треба помош од Данците. Потребна е победа од Данска против Шведска (дуелот е од 18.15 часот), додека дуелот Полска – Германија ќе биде неважен како воведен во денот. Полска и Германија во случајот може да играат како сакаат, затоа што дури и Полска да победи, ќе има ист број бодови со нас и со Србија, по пет. Но ние во минитабелата имаме две победи и автоматски сме први, т.е. втори зад веќе пласираната Германија. Табелата би била: Германците со 7,8 или 9 бода (во зависност дали загубиле, победиле или ремизирале со Полјаците), ние би биле со 5 (со подобар меѓусебен скор од Србија и евентуално од Полска само ако ја добие Германија), Данска би имала 4 бода, колку и Шведска. Последна би била Полска, ако не ја победи Германија.

Постои и варијанта два, а тоа е Шведска и Данска да играат реми. Тогаш Швеѓаните би имале пет бода, исто како како и ние, Србите, евентуално и Полјаците ако ја победат Германија. И оваа опција е прифатлива, затоа што Македонија пак ќе има најмногу бодови во минитабелата (две победи и реми). Шведска би имала победа, реми и пораз, Србија победа и два порази, а Полска само реми. Но во случај Полска да не ја победи Германија, минитабела би се направила меѓу нас, Србија и Шведска и во случајот, ќе решава гол-разликата меѓу нас и „викинзите“. Двете селекции би имале ист број бодови, па пресудна ќе биде нашата победа над Србија, која за гол ќе мора да биде поголема од таа на Шведска, во веќе испланираниот триумф над „орлите“ веќе во следното коло. Прифатливо, но премногу компликувано, па секој навивач попрво би ја избрал варијантата два.

Несомнено е дека е тажна македонската европриказна во Србија, по сѐ што ни се случи досега. Особено кога ќе се види со колкава желба се борат Лазаров и другарите, колку пот пролеаја досега. Но тоа што е најважно, шансите за историски пласман, постојат, макар и теоретски. Полуфиналето останува далечно, исто толку колку што беше и пред мечот со Данска. Но истовремено и остварливо, макар на хартија, теоретски. Наше е да играме и да се надеваме на помош, како што случајно ние им излеговме на помош на ривалите. Можеби на ваков начин ќе ни се врати среќата, по сите малери на овој шампионат во Србија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ