понеделник, 10 март 2025

Венс тврди дека го нападнале проукраински демонстранти додека шетал со ќерка си, демонстрантите: Измислува (ВИДЕО)

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави Џеј Ди Венс тврди дека бил нападнат од проукраински демонстранти во Синсинати во саботата додека шетал со својата тригодишна ќерка, која станувала „сѐ повознемирена и исплашена“ од нивните извици.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Денес, додека шетав со мојата тригодишна ќерка, група демонстранти што извикуваа ‘Слава на Украина’ нѐ следеа и викаа, додека мојата ќерка стануваше сѐ повознемирена и уплашена“, напиша Венс на платформата Икс.

„Решив да разговарам со демонстрантите со надеж дека ќе разменам неколку минути разговор во замена за тоа да го остават моето дете на мира. (Скоро сите се согласија.) Тоа беше главно разговор со почит, но ако бркате тригодишно дете како дел од политички протест, вие сте лоша личност“, рече тој.

Сепак, демонстрантите тврдат дека верзијата на Венс за настаните е измислена и дека случајно го сретнале на пат кон протестот во близина.

Скоро триминутното видео од инцидентот го прикажува Венс опкружен од агенти на Тајната служба додека демонстрантите му поставуваат прашања за војната на Русија во Украина и за повлекувањето на американската поддршка.

„Ние веруваме дека е во најдобар интерес на нашиот народ, и искрено во најдобар интерес на Украинците, војната да престане“, вели Венс во видеото споделено од медиумот ВЦПО во Охајо.

Демонстрантите му велат дека „луѓе умираат“ и дека администрацијата „ги продала“ Украинците.

„Со почит, госпоѓо, не се согласувам“, одговара Венс. „Мислам дека она што го правиме всушност води кон дипломатско решение.“

Венс стана мета на демонстрантите што ја поддржуваат Украина откако ја испровоцира, во очите на многумина, катастрофалната средба во Овалната соба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, пишува британски Индипендент.

Венс многумина го гледаа, пишува Индипендент, како иницијатор на нападот врз Зеленски, што брзо прерасна во кавга пред светските медиуми, што предизвика меѓународна осуда.

Додека САД ја повлекуваат поддршката за својот сојузник, Русија ги засили нападите врз Украина. Во саботата се одржаа протести за поддршка на Киев во Европа и во Вашингтон.

Ова не е прв пат демонстранти да се соочат со Венс по средбата со Зеленски во Белата куќа. Потпретседателот и неговото семејство, исто така, беа пречекани со гневни протести за време на одморот во Вермонт, каде што демонстрантите му рекоа „да оди на скијање во Русија“.

Пред посетата на Венс и пред да почне драмата во Овалната соба, републиканскиот гувернер на Вермонт, Фил Скот, издаде соопштение во кое му посака добредојде на Венс и неговото семејство во државата. Тој побара од жителите на Вермонт да го сторат истото, дури и ако политички не се согласуваат со потпретседателот.

„Се надевам дека жителите на Вермонт ќе се сетат дека потпретседателот е тука на семејно патување со своите мали деца и дека иако можеби не секогаш се согласуваме, треба да имаме почит“, се вели во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ