недела, 19 јануари 2025

Венко Андоновски за Вања: Време е за пресметка со злото

Времето е дојдено. Времето на пресметката со злото. Ве молам, секој од нас нека го држи ѕверот што го носи во себе во сигурен кафез, напиша македонскиот писател Венко Андоновски по грозморниот чин во кој беше убиена 14-годишната Вања.

Објавено на

часот

Сподели

Неговиот пост на фејсбук го пренесуваме во целост:

Најдлабоко сочувство до семејството на Вања.

По она што се случи, тешко е човек да верува дека на овој свет сме дојдени за убавината, за добрината, за љубовта. А јас секаде така пишувам. Демантиран сум од грозното лице на најсуровата стварност!

Ѕверот излегува од човекот и влегува секаде: капиларно, по пат на осмоза го има во медиумите, социјалните мрежи, собранијата, плоштадите, банките, дури и на улица, меѓу случајните минувачи.

Драги мои, како мото на мојата книга раскази „Припитомување на кучката“ напишав мисла од Ава Антониј Египетски: „Ќе дојде време кога луѓето ќе полудат, и кога ќе видат некој кој не е како нив, ќе му речат – ти си луд, ти не си како нас“.

Времето е дојдено. Времето на пресметката со злото. Ве молам, секој од нас нека го држи ѕверот што го носи во себе во сигурен кафез. Ве молам: најдлабоко молкнете во виолетова тага за Вања, а од молкот излезете со желба да му се спротивставите на злото. Зашто кој денес со рамнодушност гледа на злото, наскоро ќе почне и да му се радува, и да го прави.

Ваш Венко

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ