сабота, 2 ноември 2024

Венецуела распоредува војска на границата на Гвајана поради област богата со нафта

Венецуела го засили своето воено присуство во близина на границата со Гвајана, и покрај тоа што Каракас соопшти дека ќе настојува по дипломатски пат да го реши долгогодишниот територијален спор околу Есекибо, со нафта богатиот дел од гвајанската територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тензиите пораснаа минатата година по референдумот во Венецуела на кој гласачите се согласија на формирање венецуелска држава во спорниот регион. Гвајана овој потег го нарече чекор кон анексија додека баукот на оружен конфликт се надвиснува над регионот, пишуваат светските медиуми.

Кршење на декемврискиот договор

Владата на Гвајана соопшти на 10 февруари дека има докази од сателитски снимки на пријателски западни сојузници кои покажуваат движење на венецуелската војска во близина на источната граница на таа јужноамериканската земја со Гвајана, пренесува Асошиејтед прес.

Функционери тврдат дека владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро го крши мировниот договор потпишан на Карибите во декември во кој двете земји се договорија дека нема да користат сила ниту ќе се закануваат една на друга.

Реакцијата на Гвајана на најновиот развој на настаните следи неколку часа откако сателитските снимки кои ги објави американскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС) покажале дека Венецуела ја шири својата база на островот Анкоко, чија половина Венецуела ја одзема од Гвајана во 1960-тите, и на блиската Пунта Барима, на помалку од 80 километри од границата со Гвајана.

Гвајанскиот министер за надворешни работи Хју Тод и државниот секретар Роберт Персауд кажаа дека Гвајана ја следи ситуацијата преку границата додека венецуелското министерство за одбрана ја обвини Гвајана дека со неодговорни постапки и медиумска измама го загрозува договорот од декември.

Двете страни со децении се караат околу граничните линии, истакнува АП и додава дека Гвајана тврди дека меѓународната комисија за граници од 1899 еднаш засекогаш ја одредила границата. Но, повеќе од 60 години Венецуела ја обвинува комисијата дека ја измамила околу регионот Есекибо.

Гвајана го изнесе прашањето пред Светскиот суд во Холандија за конечна пресуда, додека Венецуела истакна дека преферира билатерални разговори.

Спорно е дупчењето нафта

Венецуела вети „силен одговор“ доколку во спорните води кај соседна Гвајана почне дупчење нафта, како што на почетокот на февруари најави американскиот нафтен џин Ексон мобил, истакнува Франс прес.

Венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино напиша на социјалната мрежа Икс дека, иако Ексон може да ја има заштитата на Соединетите Држави и Гвајана, „во поморскиот простор кој со право ѝ припаѓа на Венецуела ќе добие пропорционален, силен одговор кој се придржува до законот“.

Ексон мобил, кој откри огромни резерви сирова нафта кај Гвајана во 2015, објави на 6 февруари дека планира да издупчи две истражни бушотини оваа година во близина на брегот на Есекибо, со кој Гвајана управува повеќе од еден век.

Економијата на Венецуела, пишува Гардијан, доживеа колапс во последната деценија и покрај тоа што ги има некои од најголемите наоѓалишта во светот.

„Сето ова сугерира дека Мадуро првично има домашни причини за она што го прави, но сега стратегијата е да ги присили Гвајанците на некој вид остапки“, смета Кристофер Ернандез Рој, заменик директор на ЦСИС за Америка.

Загриженоста на Вашингтон

Тропањето со оружје на Мадуро, покрај референдумот кој го одржа во декември на кој кажа дека милиони Венецуелци ги одобруваат плановите за заземање на Есекибо, го вознемири Вашингтон кој нервозно смислува одговор на сојузите на Венецуела со Русија, Иран и Кина, пишува Волстрит џурнал.

Во изминатите месеци американски функционери од министерството за одбрана и Белата куќа го посетија главниот град на Гвајана, Џорџтаун, за разговори за зголемување на соработката.

Военото трупање на Венецуела во близина на Гвајана дојде откако САД ублажија некои американски економски санкции за да го поттикнат Мадуро да одржи фер избори и да ги прими венецуелските мигранти депортирани од САД.

Волстрит џурнал истакнува дека Мадуро поголемиот дел од својот гнев го насочува против Ексон мобил, кој пред многу години мораше да се повлече од Венецуела поради социјалистичката влада и од тогаш работи во Гвајана.

Мадуро по декемврискиот референдум претстави нова карта на Венецуела со проширена граница кажувајќи дека „единствените губитници се владата на Гвајана, Ексон мобил и царството САД“, и дека „Гвајана и Ексон мобил ќе мора да преговараат со нас“.

Сепак, додава весникот, поранешни високи венецуелски воени функционери и аналитичари не мислат дека режимот планира инвазија. Наместо тоа, тие веруваат дека режимот, гледајќи како малата Гвајана од сиромашна земја станала важен произведувач на нафта, сака да преговара за некаков договор кој би ѝ користел на Венецуела.

„Она што се обидуваат да го направат е изнуда“, вели Исидро Перез, поранешен полковник на венецуелската војска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ