среда, 18 септември 2024

Венецуела: ЦИА сакаше да го убие Мадуро, уапсивме елитен американски специјален агент

Венецуела соопшти дека уапсила шест странци, вклучително и припадник на елитните американски специјални сили СЕАЛ, за наводен заговор за дестабилизација на земјата, која е во криза по спорните избори во јули оваа година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабело тврди дека наводниот заговор бил предводен од ЦИА и дека целта била да се убие претседателот Николас Мадуро. Американскиот Стејт департмент го отфрли тврдењето како лажно, јавува Си-ен-ен.

Обвинението доаѓа во време кога опозицијата на Венецуела, неколку национални лидери на Латинска Америка и Соединетите Држави одбиваат да ја признаат спорната изборна победа на Мадуро, што беше проследено со масовни протести во кои беа уапсени илјадници луѓе, а имаше и загинати.

На прес-конференцијата во саботата, Кабело го идентификуваше наводниот морнарички специјален агент СЕАЛ како Вилијам Џозеф Кастањеда Гомез и тврдеше дека тој бил водач на операцијата. Министерот исто така именуваше двајца други приведени Американци: Дејвид Естрела и Арон Барет Логан.

Министерот рече дека покрај Американците, уапсени се и двајца шпански државјани – Хозе Марија Басоа Валдовинос и Андрес Мартинез Адасме и чешкиот државјанин Јан Дармовзал. Венецуелските власти заплениле и 400 американски пушки поврзани со наводниот заговор.

„ЦИА ја водеше оваа операција. Ова воопшто не нè изненадува“, рече Кабело на прес-конференција, тврдејќи дека е вклучен и Националниот разузнавачки центар на Шпанија. Тој тврди дека операцијата имала многу јасни цели за атентат на претседателот Николас Мадуро и други венецуелски функционери, вклучително и него и потпретседателот.

Стејт департментот ги отфрли тие тврдења. Неговиот портпарол во саботата потврди дека еден припадник на американската војска бил уапсен во Венецуела и дека знаел за непотврдени извештаи за приведени двајца други американски државјани.

„Сите наводи за вмешаност на САД во заговор за соборување на Мадуро се категорично лажни“, додаде портпаролот: „САД продолжуваат да поддржуваат демократско решение за политичката криза во Венецуела“.

Извор од шпанското Министерство за надворешни работи изјави за Ројтерс дека се бараат повеќе информации од Венецуела: „Шпанската амбасада испрати вербална нота до венецуелската влада барајќи пристап до приведените граѓани за да се потврди нивниот идентитет и националност и да се дознае за што точно се обвинети“.

Венецуела сè уште се бори со последиците од претседателските избори во јули, на кои Мадуро освои трет мандат и покрај глобалниот скептицизам за резултатот и негодувањето од опозициското движење во земјата.

Коалицијата што го поддржува опозицискиот лидер Едмундо Гонзалес инсистира дека гласовите се украдени, објавувајќи онлајн табели од пребројаните гласови за кои експертите велат дека покажуваат дека Мадуро всушност ја загубил претседателската позиција со голема разлика.

САД го признаа Гонзалес како кандидат кој доби најмногу гласови на изборите, но формално не го признаа како новоизбран претседател на Венецуела. Минатата недела Гонзалес полета за Шпанија, бегајќи од Венецуела откако беше издадена потерница со која се товари за тероризам, заговор и други злосторства.

Во четвртокот, САД воведоа санкции за венецуелски официјални лица поврзани со Мадуро поради наводно мешање во изборите.

САД, исто така, објавија дека венецуелскиот авион што го користел Мадуро за меѓународни патувања бил запленет во Доминиканската Република; друг авион поврзан со Мадуро е под 24-часовен надзор од властите во Доминиканската Република.

Во меѓувреме, во земјата, владата на Мадуро жестоко се справи со дисидентите, тврди Хјуман рајтс воч. Протестите беа насилно задушени, околу 2.400 луѓе беа уапсени, а многу други сега бегаат од земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ