среда, 22 мај 2024

Велшкиот парламент ќе разгледува криминализирање на лагите на политичарите

Членовите на Сенедот, велшкиот парламент, планираат да донесат закон кој им забранува на политичарите изнесување невистини, пренесува британски Гардијан. Ако законот стапи на сила, Велс би бил првата земја во светот која лагите на политичарите би ги прогласила за кривично дело.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот лидер на велшката националистичка партија Плејд Цимру, Адам Прајс, кој ја предводи оваа „борба против лажговците“, кажа дека во светот на политиката има полувистини, популизам, дезинформации и дифејкови, а со изборите кои оваа година се одржуваат и во Британија и во Соединетите Американски Држави, ова прашање е витално.

„Јавноста е оправдано уморна од тоа одредени политичари да лажат без последици. Не е доволно ние како законодавци само да ги кренеме рацете во очај. Имаме моќ да ги смениме правилата за сите политичари да дејствуваат со интегритет, почит и чесност“, кажа Прајс.

Прајс се бави со вистината и довербата во политиката од средината на 2000-те години кога се обиде да иницира отповикување на Тони Блер поради војната во Ирак.

„Тогаш на тоа во судовите се смееја со коментари како: „Нема доволно големи затвори“. Мислам дека по две децении ова прашање од маргините дојде до тоа да биде гледано како сериозен предлог. Во политиката секогаш постоел некој вид јаз во веродостојноста, но тоа се претвори во огромен понор. Се обидуваме да го обновиме она што требаше да биде основен принцип – политичарите никогаш намерно да не се обидуваат да измамуваат. Се надеваме дека ова ќе постави преседан кој би можел да биде прифатен во демократиите низ светот“, порача Прајс.

Тој поднесе амандман со кој бара да биде противзаконско за член на Сенедот или кандидат намерно да ги измами парламентот или јавноста. Одбрана би била изјавата да може разумно да се сфати како мислење, уверување или идна намера, а не да биде претставена како факт.

Неговиот амандман го поддржаа и либералните демократи и ториевците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ