петок, 26 јули 2024

Велопулос: Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е Грција

Лидерот на десничарско-националистичката партија Грчко решение, Кирјакос Велопулос денеска на собраниска седница од говорницата во Парламентот го искина Договорот од Преспа и рече дека ако „постоеше кредибилна, национална, патриотска, општествена, народна грчка Влада ќе го стореше истото ова.

Фото: Thenationalherald.com

Објавено на

часот

Сподели

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на денешната седница во Парламентот тема на дискусија воопшто не била грчката надворешна политика туку се дискутирало за закон поднесен од Министерството за култура. Сепак, Велопулос се осврна на таканаречените национални прашања.

„Не постои ни северна ни јужна Македонија, Македонија е една и е Грција и го кажувавте тоа на протестите. Сега ја нарекувате Северна Македонија. Нашиот проблем не е претседателката на Скопје, проблемот е начинот на кој ја учат нивната историја, логиката со која самиот народ избира. Кого? Комитите. ВМРО е најлошото што би можело да го избере еден народ. Фашистичка и нацистичка партија, регуларна нацистичка партија“, рече Велопулос.

По ова, тој го извади документот со Договорот од Преспа, рече дека ако грчката Влада не може да го стори тоа, ќе го сторат тие од неговата партија и го скина листот.

Велопулос упати остри критики до грчката Влада, повикувајќи ја да ги донесе за ратификација трите меморандуми „за сите партии да гласаат против“.

„Донесете ги меморандумите за соработка со Скопје, сите да гласаме против, бидејќи тие го поништија Договорот, а не ние“, рече Велопулос.

Грчко решение е партија која на ланските избори беше шеста со освоени 4,44 отсто од гласовите и доби 12 пратеници, а на последните истражувања на јавното мислење во Грција е со зголемен рејтинг што достигнува и до седум проценти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ