среда, 29 мај 2024

Велигденско послание на г.г. Стефан: Да ги надминеме поделбите и да не дозволиме отстапки

Како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето, пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско, се вели во Велигденското послание на г.г. Стефан, архиепископот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и на Светиот архијерејски синод по повод велигденските празнувања.

Објавено на

часот

Сподели

Пренесуваме делови од посланието на г.г. Стефан:

„…Доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот.

Тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето. Та, можно ли е вистински да го празнуваме Велигден – Празникот над празниците – ако не простуваме и ако не бараме да ни простат!? Можно ли е да водиме христијански живот и да се нарекуваме христијани ако во нашите срца се вгнездени злопамтивоста и одмаздољубивоста или, пак, ако во нашите души се всадени гневот и лутината!? Тоа е – невозможно! Да се живее вистински христијански живот – живот според Евангелието – значи да се постане обновен човек во Христа и да се чекори по патот на богољубието и човекољубието – по патот којшто води кон Царството небесно.

Доколку се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план. Впрочем, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сѐ уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон изворот на добрините и на правдата.

Та, кој ќе се осмели да нѐ оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сѐ уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско.

Затоа, што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска Црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со коишто катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања.

Ова лето Господово достојно ќе одбележиме и повеќе годишнини, коишто се изнедрени од пазувите на нашето богато и славно минато. Меѓу нив, најпрво ќе си припомниме за Беласичката битка, од 1014-тата, којашто, всушност, е неделиво поврзана со градењето и со запазувањето на нашата долговековна историска посебност, а ќе се присетиме и на бележитите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, одржано во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, во 1944 година. Исто така, ќе ги прославиме и 860-годишното постоење на велелепниот манастир „Свети великомаченик Пантелејмон“ во Нерези, Скопско, како и 100-годишнината од замонашувањето на возобновителот на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква –  блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј.

Еве, токму овие незаборавни настани нека ни бидат силен поттик за обнова на нашата црковно-национална самосвест, а истовремено нека ни бидат и постојани потсетници за она за коешто се бореле многу наши поколенија, а за коешто останува и ние да продолжиме да ги чуваме – нашата Татковина Македонија и нашата Македонска Црква.

Нека незаодната светлина од празникот на Христовото воскресение – Велигден,  ни биде нераскинлива нишка којашто ќе нѐ поврзе сите Македонци – и овде, во Татковината, и насекаде каде што нашинците се иселени по светот – во единството на троедната љубов: во богољубието, братољубието и родољубието, та едногласно да воскликнеме пред сиот свет: Христос воскресе!“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ