четврток, 9 јануари 2025

Веќе се чита второто издание на „Тони“ од Румена Бужаровска

Само еден месец по објавувањето, првиот роман на Бужаровска доживува второ издание.

Објавено на

часот

Сподели

Откако пред еден месец се запознавме со „ТОНИ“ – првиот роман на современата македонска писателка Румена Бужаровска, јавноста веќе го чита неговото второ издание, информираат од Издавачкиот центар ТРИ.

„Многу добар начин да се каже ‘патријархатот е отепувачка’ и како генерации мажи и жени се оштетени до таа мера што со самото свое (навидум беневолентно) постоење (и делување) оставаат цела низа трагедии зад себе“, рекоа читателите за романот.

Книжевната промоција на „Тони“ се одржа на 4 декември во „Јавна соба“, на која романот дополнително ја освои публиката преку содржајниот разговор на авторката со промоторите Калиа Димитрова и Петар Андоновски.

„Тогаш напишавме дека за Тони – машкиот книжевен (анти)лик создаден од остроумното женско перо на Бужаровска – допрва ќе се зборува, а за неполн месец веќе излезе второто издание“, велат од ТРИ. Тие дополнуваат дека карикатуралноста и поларизираноста што романот ја предизвикува кај читателите, предизвикуваат „Тони“ да изгледа навидум како „лесно четиво“, но ракописот нè нурнува во бездните на човековата природа и локалната традиција.

„Остро критикувајќи ги, Бужаровска радикално ја користи алатката на поларизација поигрувајќи си со читателот, за да поттикне кај него чувство на лична одговорност и емпатија. Нешта кои ни се повеќе од потребни во 2025“, забележуваат од ТРИ.

Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и „работи“ во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него.

Ставајќи се себе си на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. Наместо да ги храни своите лични односи со емпатија, почнува паразитски да нагризува од емпатијата и љубовта на луѓето кои се грижат за него. И полека тоне. Удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник. Но дури ни тоа не го освестува за да стане подобар рокер и подобар човек.

Румена Бужаровска е македонска авторка, преведувачка и универзитетска професорка. Досега ги има издадено збирките раскази „Чкртки“, „Осмица“, „Мојот маж“ и „Не одам никаде“. Збирката „Мојот маж“ досега забележа единаесет изданија на македонски јазик и петнаесетина преводи на европски јазици. Во 2024 година, во издание на ТРИ, Бужаровска ја објави збирката есеи „Господ, па Америка“ и нејзиниот прв роман – „Тони“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ