вторник, 22 октомври 2024

Веднаш по одморот пратениците ќе расправаат за одговорност на Гаши

Дали ќе има одговорност за претседателот на Собранието Африм Гаши треба да се знае на трети септември за кога е закажана седницата на која треба да се расправа по интерпелацијата што ја поднесе партијата Левица. Образложението зошто Левица бара одговорност од Гаши е веќе ставено на официјланата веб страница на Собранието во календарот на закажани седници.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Собранието Африм Гаши уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски неуставно и неделовнички, пишува во дел од интерпелацијата на Левица против Гаши.

Во интерпелацијата Левица наведува дека Гаши ја повредил секуларноста на државата кога на собраниска седница за одбележување на геноцидот во Сребреница заедно со други присутни изведе групна верска молитва.

Како втора причина за барање одговорност од Левица го наведуваат инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи која одби да биде прегледана од полициски службеници на скопскиот аеродром, па поради тоа интервенираше обезбедувањето на Гаши. Според партијата со ова, претседателот на Собранието ги повредил дипломатските правила за обезбедување ВИП личности.

Од Левица велат дека Гаши како претседател на законодавниот дом направил повреда на употребата на македонскиот јазик затоа што заклетвата што ја даде како веќе избран претседател прво ја даде на албански, а не на македонски јазик.

Од Левица тврдат дека Гаши го злоупотребил Законот за државни симболи затоа што во салата во која се одржуваат пленарните седници на Собранието се поставени и симболи на НАТО и на Европската Унија.

Причина повеќе за одговорност на Гаши за Левица е и тоа што тој како претседател на Собранието не ставил на дневен ред точка за констатирање на престанок на пратеничката функција на Талат Џафери кој во исто време сѐ уште ја извршуваше функцијата технички премиер.

За Левица е спорно и тоа што при посетата на Гаши на Вашингтон за време на Самитот на НАТО со него патувала и неговата сопруга.

Од Левица на Гаши му замеруваат за, како што велат, повреда на Деловникот затоа што седниците траат до доцна во ноќта, редовните координации меѓу партиите се случуваат „про форма“, а Гаши не ги почитувал и роковите за закажување седници.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ