сабота, 27 јули 2024

Вечерва омаж на Љубомир Бранѓолица во Филхармонија

Во Камерната сала на Филхармонија вечер со почеток во 19 часот ќе се одржи последниот концерт од годинашното издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ кој ќе биде посветен на делото и творештвото на неодамна починатиот македонски композитор Љубомир Бранѓолица. 

Објавено на

часот

Сподели

На концертниот омаж, публиката ќе има можност да чуе дела од опусот за гудачки оркестар на авторот во изведба на солистите: Татјана Петрушевска- обоа, Здравко Ангелов – кларинет, Марјан Милошевски – фагот и Мартин Димитров – виолина кои ќе настапат заедно со гудачкиот оркестар „Ајга“ под диригентската палка од маестро Борјан Цанев, најави Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ).

Љубомир Бранѓолица (1932 – 2023) е дел од македонската музичка сцена во втората половина на дваесеттиот век. Во неговиот исклучително богат творечки опус се сместени опери, балети, камерни и хорски композиции, популарни и детски песни и аранжмани на творби од други, наши и странски автори. Опусот на авторот опфаќа 18 целовечерни балети. Сите тие (освен една „Бајазит и Оливера“) се изведени на сцената на Македонската опера и балет (порано МНТ) во периодот од 1959 („Велеградски варијации“) до 2013 година („Александар Македонски“).  

„Главна карактеристика на композиторскиот јазик на Љубомир Бранѓолица, без оглед на видот на композициите или жанрот на кој тие му припаѓаат е неоромантичарскиот музички израз.Во неговото творештво речиси нема поведување по авангардните струења на дваесеттиот век. Неговите дела се тонални, со раскошна мелодика и со вешта оркестрација. Тоа е една од причините што постојано живеат на репертоарот на македонските и на светските музички уметници и ансамбли“, стои во најавата од СОКОМ. 

Организатори на концертот „Омаж на Љубомир Бранѓолица“ се СОКОМ, претседателот на државата и Филхармонија, а се реализира со поддршка на Министерството за култура. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ