„Персеидите“, еден од најголемите метеорски дождови што можеме да ги видиме, се случуваат секоја година кон крајот на летото. Метеорскиот дожд е предизвикан од минувањето на Земјата низ остатоците оставени по минувањето на кометата Свифт-Татл во 1992 година. Годините во кои нема многу месечева светлина обично имаат повеќе метеори на час, дури и до 150-200.
„Персеидите“ своето име го добиле по соѕвездието Персеј, бидејќи се чини дека патеките на метеорите започнуваат од оваа точка на небото.
Несекојдневниот настан на набљудување на метеорски дожд организиран од младите неготинци Милица Пауновска и Виктор Најдов, ќе се одвива на Спомен костурницата во градот. Организаторите најавуваат исклучителна можност преку телескопите да се набљудуваат Сатурн, Јупитер и Месечината во половина сјај.
„Персеидскиот метеорски дожд е годишен метеорски дожд кој има најголема активност во август. Персеидите најлесно се забележуваат во ноќите околу 11,12 до 13 август, со пик на активноста наредниот ден, во раните утрински часови. Овој метеорски дожд е популарен поради својата интензивна активност, каде може да се видат и до 60 метеори на час во идеални услови. Метеорскиот дожд се случува како резултат на влегувањето на Земјата во патеката на честичките кои ги остава зад себе кометата Свифт-Татл. Кога овие честички (метеори) влегуваат во земјината атмосфера, се судруваат со воздухот и се загреваат предизвикувајќи светкање на небесниот свод што го забележуваме како ‘паѓање на ѕвезди’ или метеори“, се појаснува во онлајн најавата за настанот.
За целосно задоволство при гледањето, осветлувањето на споменикот ќе биде исклучено. Заради безбедност во движењето да се внимава при пристапот, да се користат мобилни светилки, а телескопите ќе бидат поставени околу споменикот, најавија организаторите на ова телескопско набљудување.
Настанот ќе биде збогатени со музичка забава, најавуваат од Здружението за заштита на животната средина „Ековита”, кое изминатиов период организираше неколку настани за телескопско истражување.