Вчера на плоштадот Славија во Белград се одржа голем студентски протест на кој се приклучија земјоделци, просветни работници и други граѓани. Целта на протестот беше да се сврти вниманието кон барањата до властите.
Со протестите, кои ги иницираа студентите, се бара кривично да одговараат сите одговорни за трагедијата во Нови Сад, како и кривично да се гонат сите оние што ги нападнаа студентите на мирните блокади.
Се огласи и Министерството за внатрешни работи на Србија, кое тврди дека „во моментот на најголема посетеност“ на митингот имало од 28.000 до 29.000 граѓани.
„МВР соопштува дека денешниот народен собир во Белград започна околу 15 часот и 15 минути и во времето кога посетеноста беше најголема, во 16 часот и 40 минути, присуствуваа од 28.000 до 29.000 граѓани“, се вели во соопштението.
Според нивното соопштение, митингот завршил без поголеми инциденти и нарушување на јавниот ред и мир.
Врз основа на достапните снимки и фотографии, организацијата Архив на јавни собири, пак, утврдила дека на протестот се собрале меѓу 100.000 и 102.000 луѓе, соопштија на мрежата Икс. „Снимките користени за броење на учесниците се забележани во периодот меѓу 16:45 и 17 часот“, наведено е на профилот на Архив на јавни собири.
„Врз основа на достапните воздушни снимки направени околу 17 часот, Архив на јавни собири утврди дека на вчерашниот протест во Белград присуствувале околу 100.000 граѓани.
Откако ја достигна таа психолошка граница, тој стана најголемиот протест не само против актуелните власти, туку и најголемиот протест досега одржан во Србија. Вчера на плоштадот Славија и на приодните централни градски улици се собраа повеќе луѓе отколку што имаше околу Собранието во најкритичните моменти при соборувањето на Слободан Милошевиќ од власт во 2000 година.
Исто така, тоа беа двојно поголем број демонстранти отколку на најголемиот летен протест против експлоатацијата на литиум, а и двојно поголем број учесници од сите што досегашната владејачка коалиција досега успеала да ги собере на едно место“, се наведува во соопштението од Архив на јавните собири.
„Државата е сопственост на децата“
Студентите одејќи кон плоштадот развиорија транспарент „Државата е сопственост на децата“.
Високиот функционер на СНС Владимир Ѓукановиќ пред неколку дена изјави дека децата до полнолетство се сопственост на државата, што предизвика бурни реакции во јавноста. Српскиот претседател Александар Вучиќ тогаш изјави дека децата не се сопственост на државата и никогаш нема да бидат, туку се „суштества што имаат свои права“.
На протестот во центарот на Белград беше виден и директорот на Евролигата Дејан Бодирога, а толпата со овации го поздрави трофејниот кошаркарски репрезентативец на Југославија.
Bodiroga pic.twitter.com/zsXWF9FeXx
— nikola (@nmarcic) December 22, 2024
На протестот беа и поранешниот фудбалер Саша Илиќ и поранешниот кошаркар Марко Јариќ.
Глумците се најдоа пред Југословенско драмско позориште откако се собраа пред своите театри. „Сите запревме, сакам да им порачам на луѓето од владејачката партија: Вие пративте свои членови да ги тепаат децата на Србија, срам да ви е“, рече Бранислав Трифуновиќ.
Актерката Светлана Цеца Бојковиќ на протестот за Н1 изјави дека „младоста се разбудила“.
Земјоделецот Ѓока Ќурчиќ изјави дека земјоделците дошле во Белград да им дадат поддршка на студентите и дека не ги исплашиле настаните поврзани со Златко Кокановиќ, кому пајак-службата му го однесе тракторот со интервенција на полицијата и жандармеријата поради наводно непрописно паркирање.
„Сите дојдовме овде поради Златко, поради нашите ученици и студенти. Така што, чекаме сѐ што ќе кажат и ќе го направиме тоа како земјоделци, бидејќи тука е сега проблемот на системот, Владата на Србија и Министерството за земјоделство, каде што нѐ загрозуваа на сите полиња“, рече тој, а пренесува Н1.
Студентите на блокадата им се заблагодарија на сите што беа на Славија и на тој начин ги поддржаа. На Икс порачаа дека ова е само почеток и ги повикаа сите граѓани да останат со нив.
Širimo ljubav, podržavamo jedni druge❤️🩹 pic.twitter.com/Eroxrw7eDL
— Studenti_U_Blokadi (@studentblokade) December 22, 2024
„Сакаме од сѐ срце да ви се заблагодариме на сите што дојдовте и нѐ поддржавте. Ви благодариме што се трудевте да ни пренесете важни информации и што избегнувавте конфликти. Ви благодариме што ни го чувавте грбот, ние ќе ве чуваме исто така“, напишаа тие.
Протест вчера се одржа и во Ниш, каде што заедно со студентите се собраа голем број граѓани. Во почетокот на насобраните им се обратија здравствените работници, а потоа сите заедно излегоа на прошетка по улиците. Една од здравствените работници им обрати на насобраните и им порача „да истраат во борбата“. Таа рече дека „спасуваат животи, но сега ја спасуваат и професијата“.
Како што е најавено, на протестот ќе се приклучи и иницијативата „Мостот останува“, која се противи на отстранување на белградскиот Стари савски мост. Тие ги повикаа граѓаните да им се придружат.
Акцијата „Запри, Србијо“ се спроведува секој ден, кога во 11:52 часот се блокираат раскрсници во тек на 15 минути, во знак на оддавање почит на 15-те загинати при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Студентскиот бунт се претвори во блокада на универзитетите во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац, а во меѓувреме им се придружија и средношколците.