Авторите на изложбата INTERITUS MACEDONUM, Георги Гоце Дуртаноски и Димитри Кирјаковски и авторот на овој видео-запис Петро Алексовски заедно со тимот соработници на сите Македонци во целиот свет им ја честитаат 2361-годишнина од битката кај Херонеја и 120-годишнината од славното Илинденско востание со повик да не се откажуваат од своите македонски корени и да дадат поголем придонес за македонската кауза и интересите на македонскиот народ преку организирање на културни настани и афирмација на македонскиот јазик, култура и идентитетска засебност.
„Interitus Macedonum е уметнички приказ на болката и страдањата на македонските деца од Егејскиот дел на Македонија како нераскинлив дел од судбината на македонскиот народ во целина. Истребувањето на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во рамките на Грција е проект кој настана пред повеќе од еден век и во континуитет сеуште трае“, вели Георги Дуртаноски.
„Изложбата е сеќавање за лузните и траумите за ‘децата без детство‘ и помен за сите оние кои не успеаја да се спасат од виорот на Граѓанската војна во Грција. Преку уметничките настани и изведби како оваа се трудиме да го оневозможиме обидот на оние кои посегаат по нашиот опстанок како Македонци“, рече Димитри Кирјаковски.
„Мојот документарен филм „Македонец„ беше предизвик да ја прикажам судбината на мојот татко, но преку него да ја прикажам судбината на сите македонски деца-бегалци кои од виорот на војната беа принудени да ги напуштат своите домови и да се упатат во земјите кои подоцна станаа нивни нови татковини“, изјави режисерот Петро Алексовски кој е автор и на овој видео запис за изложбата кој завршува со цитат од чешкиот писател Милан Кундера.
„Народите се ликвидираат на тој начин што најпрвин ќе им биде одземено сеќавањето. Ќе им се уништат книгите, образованието и историјата. Некој друг ќе им ги пишува книгите, ќе им даде негово образование и ќе им измисли некоја поинаква историја. И народот тогаш ќе почне постепено да заборава што бил и што е сега, а светот околу него тоа ќе го заборави уште побрзо“.