Според информации на „Политика“, овој 45-годишен научник работел во Институтот „Биосенс“ во Нови Сад, каде што се истражуваат и развиваат информатички технологии за земјоделството. Директорот на „Биосенс“, Владимир Црнојевиќ, ја потврди веста за „Политика“.
„Саздовски работеше во Центарот за сензорски технологии. Се вработи во водечка европска институција како искусен научник. Претходно имаше научна кариера“, изјави Црнојевиќ за весникот.
Колегите на Саздовски се собраа во Институтот „Биосенс“ утрото по трагедијата. Според нивните зборови, Васко работел таму нешто повеќе од една година, во центарот за сензорски технологии, а речиси секој викенд го поминувал дома во Македонија, каде што живеат неговата сопруга и двете деца. На пат тргнал и кобниот петок, 1 ноември.
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски денеска, како одговор на новинарско прашање, изјави дека „ќе се направи сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката на семејството на загинатиот македонски државјанин во вчерашниот немил настан во Нови Сад“.
Прашан дали државата ќе му помогне на семејството на загинатиот македонски државјанин, премиерот рече дека уште во текот на вчерашниот ден министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остварил комуникација со неговиот српски колега.
„Во текот на вчерашниот ден се слушнав и комуницирав со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој воспостави комуникација со неговиот колега, работиме и ќе направиме сѐ што е потребно за да ја ублажиме болката поради овој немил настан“, рече Мицкоски.
Во вечерашната несреќа во Нови Сад, со паѓањето на настрешницатат загинаа 14 лица, а три лица се наоѓаат во тешка здравствена состојба.
Идентификувани се 13 лица, а веднаш по идентификацијата биле известени нивните семејства, соопштија од Полициската управа во Нови Сад.
Едно женско лице сè уште не е идентификувано, поради здобиените повреди, но се очекува наскоро да се утврди нејзиниот идентитет, соопштија од Новосадската полиција.
Од Универзитетскиот клинички центар во Војводина (УКЦВ) потврдија дека нема нови жртви, а тројца од повредените се во тешка општа состојба.
„Тројцата повредени кои вчера беа примени на УКЦВ се уште се во тешка состојба, на интензивна нега“, соопштија од прес-службата на Клиничкиот центар.
Во Нови Сад е прогласена тридневна жалост, а во цела Србија денеска, 2 ноември е ден на жалост.