„Ова е дел од денеска постигнатиот договор со Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама. Нашиот лидер Стерјовски е на отворената листа за пратеници на Социјалистичката партија во изборна единица Корча, каде се надеваме на успех. Со него како пратеник ќе имаме навистина доследен претставник“, изјави за МИА, Ендрит Фетаху, потпретседател на МАЕИ.
Стерјовски на чело на партијата е од 2019 година, пратеник беше во претходниот парламентарен состав и е прв пратеник Македонец, кој јавно се декларираше како Македонец. На една од пленарните седници тој до пратениците се обрати на македонски јазик, што беше историско достигнување на Македонците.
Роден е на 17 мај 1982 година во Корча. Работи како професор на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, докторанд е на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Оженет е и е татко на две деца.
Претставувајќи ја кандидатската листа за оваа изборна единица, Нико Пелеши, координатор на пратеничката група на социјалистите и поранешен министер за одбрана, за медиумите вечерва, за Стерјовски кажа дека е образован и вреден млад човек, поранешен пратеник, докажан како политичар и педагог. Меѓу другото кажа дека со МАЕИ имале добра соработка и оти „заедно ќе работат за доброто на Македонците во Преспа, Голо Брдо и Гора и за целата прекрасна македонска заедница во Албанија“.