Американскиот весник вчера објави извештај за рачно напишани пораки испратени од Ким на 31 декември и 1 јануари, во кој се вели дека пораките можеби биле испратени до војници од Пјонгјанг или ги напишале севернокорејски војници што слушале како нивните команданти гласно ги читаат пораките од Ким, објави Јонхап.
Во едно од писмата, со датум 31 декември, рачно напишано со сино мастило и потпишано од Ким, се наведува дека не може да најде зборови за соодветно да ги охрабри и изрази благодарност за посветеноста и неуморните напори на војниците.
Во извештајот на Вашингтон пост се наведува дека украинските специјални сили го пронашле писмото кај севернокорејски војник во руската област Курск.
„Доживеавте трогателни жртви и радости од скапите борбени победи, многу благородни борбени искуства, бесценето чувство на вистинско другарство и патриотизам, сето тоа далеку од вашата татковина“, се вели во писмото.
Освен тоа, на војниците им се посакува добро здравје додека воената мисија што им е доделена не заврши со победа и се повикуваат да ја удвојат својата храброст во борбата, наведува агенцијата.
Се проценува дека Северна Кореја испратила околу 11.000 војници да ѝ помогнат на Русија во нејзината војна против Украина.