петок, 18 октомври 2024

Вашингтон пост: ценкањето со Грција има последици врз целиот свет

Објавено на

часот

Сподели

Не само што Грција не успеа да го намали дефицитот и да го оствари целниот пораст во 2011, не само што има предвидувања за понатамошно продлабочување на рецесијата во 2012, туку и преговорите за отпишување на грчкиот долг од 260 милијарди долари кон приватниот сектор се блокираа.

Уште во јули европските лидери апелираа за поголеми фондови за спас на Грција, ги условија своите кредитори на „кастрење“ од 50 отсто, а планот беше „попустот“ од банките, осигурителните компании, заедно со структурните реформи и мерките за штедење, да го намалат соодносот помеѓу долгот и бруто-домашниот производ на одржливи 120 отсто до 2020.

Без договор, поддржувачите на Грција во Европа и ММФ може да одбијат да ѝ ги дадат парите неопходни за Грција за да ги отплати обврзниците во вредност од 18,5 милијарди, кои доспеваат во март. Доколку биде така, може да се случи долгоочекуваниот и застрашувачки непријатен дефолт.

Проблематичниот момент во преговорите е колкава камата Грција ќе им плати на новите кредитори на обврзници што ќе ги добие во замена за старите. Според известувањата на медиумите, Атина нуди нешто во близина на 3,5 отсто, сопствениците на обврзниците бараат 4 отсто. Во секој случај, мора да се нагласи, кредиторите ќе бидат во загуба од нешто повеќе од 50 отсто, во рамките на моменталната вредност. Сепак, банките се очигледно подготвени да се договорат.

Заштитните фондови, пак, се повоздржани бидејќи ги купија своите обврзници со големи попусти и поради тоа немаат многу да изгубат.

Нивната наводна алчност создава гнев низ Европа, но тоа е проблем што го создадоа европските лидери, особено Германката Ангела Меркел, со тоа што првично инсистираа приватниот сектор да поднесе загуби.

Тоа им даде поттик на сопствениците на обврзници да ги распродадат своите хартии, а лешинарските заштитни фондови тоа го сфатија како простор за ценкање.

Најверојатниот резултат ќе биде договор во последен момент, со многу малку кредитори останати во игра. Но дури и тогаш, на Грција ќе ѝ бидат потребни десетици милијарди долари дополнителни фондови за да ги оствари целите за намалување на долгот, бидејќи нејзината фискална состојба е премногу опадната за време на развлеченото ценкање со банките. Всушност, нерешителноста на ММФ или Германија да ја покријат разликата ја објаснува актуелната ситуација. Тие нема да дозволат Грција да потпише договор што ќе ги остави нив на удар на ветриштата.

Она што сите сакаат да го видат, секако, е јасен доказ дека грчката влада е на неповратен пат кон реформи и раст. Но и покрај најдобрите намери на технократската влада на премиерот Лукас Пападемос, нема доказ за тоа. Најверојатно и нема да има пред изборите во април.

Доколку клинчот се случи пред тоа, „значењето на европската солидарност ќе биде реално тестирано“, како што вели Јакоб Киркегард од институтот за меѓународна економија Питерсон. Во превод: Германија ќе мора еднаш засекогаш да се реши дали вреди да се одржува Грција како членка на еврозоната или цената е преголема. Воопшто не е убаво да се каже колку САД зависат од резултатот – и колку мало влијание има Вашингтон врз ситуацијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ