среда, 1 јануари 2025

Вашингтон пост: Бајден се кае што се откажа од претседателската трка

Американскиот претседател во заминување Џозеф Бајден се кае што се повлече од претседателската трка и верува дека можел да го победи републиканскиот ривал, изјавија извори од Белата куќа за „Вашингтон пост“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според нивните тврдења, Бајден смета и дека не требало да го назначи Мерик Гарланд за државен обвинител на САД бидејќи бавно го водел кривичниот процес против Трамп за неговата улога во нападите врз американскиот Капитол во 2021 година.

Американското Министерство за правда под Гарланд го гонеше и синот на Бајден, Хантер, кој неодамна доби целосно помилување од својот татко.

Бајден се откажа од претседателската трка по лошиот настап во дебатата против Трамп во јуни и ја поддржа својата потпретседателка, Камала Харис, која загуби од републиканецот на изборите во ноември и покрај првичното водство во анкетите.

„Вашингтон пост“ објави дека Бајден и неговите соработници не ја обвинуваат Харис за поразот на демократите, но веруваат дека исходот ќе беше поинаков доколку актуелниот претседател останеше демократски кандидат.

Тоа е став кој го оспоруваат многу поддржувачи на Харис, кои го обвинуваат претседателот дека предолго чекал да се повлече, оставајќи ѝ малку време на потпретседателката да спроведе ефективна кампања.

Тие, исто така, посочуваат дека решеноста на Бајден да се кандидира за втор мандат го прекршила неговото предизборно ветување во 2020 година дека ќе биде „преодна“ личност, која ќе се повлече по еден мандат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ