сабота, 19 октомври 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Вашето недејство може утре да предизвика трагедија на вашето дете

Скоро никогаш не пишувам на социјалните мрежи за актуелни случувања, вести, политика и слично, главно бидејќи не верувам дека сите ги интересира и бидејќи претпочитам директно да дејствувам во пракса. Но овој пат сите сили во мене ме спречуваат да молчам, бидејќи има нешто што сите мора да нѐ интересира, а е веќе предолго премолчено.

Најпрво, најдлабоки сочувства до најблиските на Вања. Сувишни се сите желби и зборови кои би можел кој било да ги упати. Eдноставно се надевам дека животот барем ќе се обиде (иако е невозможно да успее) да им надокнади за ова. Целата приказна, особено доаѓајќи од моето родно место и каде ликовите се играни од мои сограѓани, не ми даде да склопам око вчера, а сигурно ќе продолжи и деновиве подоцна. Но има нешто друго што нема да ми даде да склопам око и откако ќе го пребродам тоа.

Македонија е, според мене, во најхаотичната и разрушена фаза што ја помнам откога сум роден. Системски ни е одамна јасно дека е разрушена (ќе се навратиме на ова), но македонското секојдневие, она на кое ‘се вадиме’ кога зборуваме зошто си ја сакаме татковината, веќе е непрепознатливо. Да ве потсетам дека во рок од неколку месеци:

1. Се пукаше во најголемиот трговски центар среде бел ден (и не е најден виновникот, иако го имаме на слика);

2. Излезе информација дека поради лакомост и криминал, на сметка на пациенти со рак (човечки животи) некој ќе профитира (и не се санкционирани виновниците);

3. Добивме милион докази за убиство на веќе болни луѓе што се мачат (и не се санкционирани виновниците, дури и популистички донесени пресуди врз луѓе на дното на вината);

4. Киднапираа дете среде бел ден и монструозно го убија (и некако имам сомнеж дека праведно ќе им се пресуди на виновниците).

д

                                                                                             Од денешниот протест „Правда за Вања“

Ова нема врска со политика, нема врска со етничка или верска определба, нема врска со каква било поделба, туку има врска со животот и со Македонија. Тоа се две работи кои сакале или не, мора да нѐ интересираат како луѓе и македонски граѓани. И токму тука доаѓаме до суштината на мојата потресеност – не нѐ интересираат! Ние, граѓаните, кои сме дефакто најпогодени од оваа анархија и кои ќе ги трпат сите идни нејзини последици и катастрофи – седиме со скрстени нозе! Навраќајќи се на горекажаното, најстрашниот збор во сево ова е одамна, што значи дека долго време добро знаеме, а ништо не се менува.

Да извадиме НЗС за горенаведените настани (освен фактот дека се одвратни криминални дела): за сите од нив реагиравме исто, со максимум неколку текста на тастатурите, можеби и по некоја слика на социјалните мрежи. Вистинската борба во пракса? Непостоечка. Доколку знаете, ве молам посочете ми големи општествени промени (кои евидентно ни требаат) кои се случиле само по пат на искажување мислења и без физичка акција. Повеќето случувања не ни предизвикаа протест, камоли низа на демонстрации и реакции. На протестот за случајот на онкологија видов дека има речиси помалку луѓе отколку во кафулето од карши, па црева ми се превртуваа.

Фрлете идеите на страна, на крај по (не)дејството се мери реакцијата. Додека е вака, само ќе редиме трагедии. Еве и да сте најсебичниот човек на светот, последниов настан покажува дека ако ништо не смениме, ничиј живот не е гарантиран. Не е нешто од вестите од некоја далечна држава – нашата реалност е. Комфорот на домашните фотелји е лажен, во поголема опасност сме отколку што разбираме. Само да знаете дека вашето (не)дејство може утре да предизвика (не дај Боже) ваква трагедија на ваше дете, внуче, сестра… Па вие размислете што ќе правите.

Колку што неизмерно сум заљубен во Македонија како идеја и култура, толку сум згаден од Македонија како држава, односно сите неисполнети во пракса идеали. Следнава вистина ми пара срце – ние сме најпоетски и најфилозофски народ. Експерти за идеологија, мислења и бескрајни реторики. Но кога станува збор за вистинска акција, заборавивме да ја земеме со нас, нејзините последни траги се оставени длабоко во историјата. Се превртуваат во гробовите Гоце, Даме, Јане, Питу… Помислете на нив следниот пат, ако нејќете на вашите деца…

Лео Змајшек,

студент

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ