сабота, 27 јули 2024
Основан на денешен ден 1955

Варшавскиот пакт беше источната верзија на НАТО, но дејствуваше само против земјите-членки

Советскиот Сојуз и неговите сојузници од источниот блок на 14 мај 1955 година потпишаа договор за безбедност во полскиот главен град Варшава, по тридневната конференција.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Во Студената војна светот се плашеше од нов глобален конфликт меѓу Советскиот Сојуз и Соединетите Американски Држави. Овие две светски суперсили ги собраа своите сојузници во два воени табори: САД го предводеа НАТО, а СССР Варшавскиот пакт. Вториот се смета за одговор на источниот блок за НАТО. Варшавскиот пакт престана да постои во раните 1990-ти со распадот на Советскиот Сојуз.

Причините за создавањето воен сојуз во Источна Европа почнаа во годините по Втората светска војна. Договорот, потпишан во Варшавската палата, дојде по веста дека западните нации ја прифатиле Западна Германија во НАТО (Организацијата на Северноатлантскиот договор) по претходните разговори во Париз.

Сеќавањето на ужасот во текот на 1940-тите беше сè уште свежо, па не е ни чудо што комунистичките лидери во Чехословачка се исплашија кога слушнаа дека Западна Германија ќе биде повторно вооружена.

Германија ја загуби Првата светска војна и беше целосно понижена, што го услови доаѓањето на нацистите на власт. Во 1950-тите беше сосема нормално да се заклучи дека такво нешто може да се повтори. Сепак, Варшавскиот пакт не беше потпишан само за доброто на Германија.

Во објавите во Варшава и во Москва се велеше дека советскиот премиер, маршалот Николај Александрович Булганин, и лидерите на седум други земји го одобриле нацртот на новиот договор, наречен Варшавски договор за пријателство, соработка и заемна помош.

Фото: Википедија

Тој беше дизајниран, меѓу другото, да обезбеди блиска интеграција на воената, економската и културната политика меѓу осум комунистички нации.

Потписниците на договорот – СССР, Полска, Источна Германија, Чехословачка, Унгарија, Романија, Бугарија и Албанија – се согласија да ги обединат своите сили под една команда, иако во оваа фаза не се знаеше кој ќе ја преземе оваа функција.

Иако го сметаме првенствено за воен сојуз, Варшавскиот пакт беше и економски сојуз, а еден од важните комитети беше оној што се занимаваше со обнова на уништената Европа. Значи, Варшавскиот пакт е и источната верзија на „Маршаловиот план“, иако СССР немаше ни приближно толку ресурси како САД.

Југославија, единствената европска комунистичка држава што не беше вклучена во Пактот, беше протерана во 1948 година од Информбирото, комунистичката информативна агенција, поради одбивање да ја признае советската надмоќ.

Во Југославија постоеше сериозна загриженост по воспоставувањето на Варшавскиот пакт, бидејќи многу комунисти веруваа дека пактот ќе ја загрози независноста на Југославија, но набргу потоа односите меѓу Москва и Белград се нормализираа. Следниот месец беше потпишана Белградската декларација, која формално ја потврди неутралноста на Југославија.

Во говорот во почетокот на разговорите во Варшава, маршалот Булганин предупреди дека САД, Велика Британија и Франција ја претвораат Западна Германија во „главно жариште на опасноста од војна во Европа“ дозволувајќи ѝ повторно да се вооружи.

Тој рече дека примањето на Западна Германија во НАТО е „главната пречка“ за повторното обединување на Германија.

Вашравскиот пакт во 1990. Фото: Википедија

Постоечките билатерални договори меѓу државите од Источниот блок, рече тој, повеќе не се доволни за да се обезбеди нивната безбедност и овој Варшавски пакт ќе биде над сите нив.

Тој додаде дека НАТО, исто така, ги охрабрува земјите од Блискиот Исток да формираат воени блокови за да планираат напади врз Советскиот Сојуз и неговите сојузници.

Во својот завршен говор на 14 мај 1955, маршалот Булганин истакна дека пактот е инспириран од ленинистичкиот принцип за мирен соживот меѓу демократските нации и рече дека тие сакаат да се придржуваат до Повелбата на Обединетите нации.

Сепак, уводникот на весникот „Тајмс“ од 14 мај 1955 посочува дека обединувањето на армиите на сите осум земји, исто така, ќе му овозможи на СССР да отвори бази на сопствените трупи во земјите-членки и „сигурно ќе помогне да ги управува сателитите“.

Земјите од Варшавскиот пакт ги ставија своите сили под команда на маршалот Иван Степанович Кониев.

Варшавскиот пакт номинално беше создаден како одбрана од „империјалистичките САД“ и реставрацијата на Германија, но во практиката работеше главно против земјите-членки. Првата интервенција се случи само една година по основањето на Пактот – земјите-членки ја нападнаа Унгарија по месеците револуција со која се бараа поголеми човекови слободи и повлекување од Пактот.

Следната интервенција се случи во 1968 година во Чехословачка кога беше уништено движењето наречено „Прашка пролет“, што ја натера Албанија да се повлече од пактот подоцна истата година. Земјите од Варшавскиот пакт ќе интервенираа и во Полска во 1981 година, но бунтот таму беше задушен пред тоа да се случи.

Накратко, Варшавскиот пакт беше создаден како одговор на НАТО и германското вооружување, но тој брзо се разви во советски инструмент што се користеше за задушување на секоја желба на народите од Источна Европа за промени.

Демократските револуции од 1989 година во источна Европа го најавија крајот на Варшавскиот пакт и Студената војна меѓу Истокот и Западот.

Источна Германија се повлече во 1990 година и на 1 јули 1991 година на последниот самит на лидерите на Варшавскиот пакт во Прага, Чехословачка, тој беше прогласен за „непостоечки“.

Многу негови поранешни членки се приклучија на НАТО. Полска, Чешка и Унгарија, трите земји што беа жртви на воени интервенции, симболично заедно му се приклучија на НАТО во 1999 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ