сабота, 27 јули 2024

Вархеји: Со планот за раст земјите од Западен Балкан би можеле да ги удвојат економиите во следните десет години

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави во Тирана дека Планот за раст за Западен Балкан е амбициозен, и дека со него земјите во регионот би ги удвоиле своите економии во следните десет години.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Имаме доверба во Западен Балкан дека може да ги искористи овие бенефити. Мислиме дека овој план може да придонесе на удвојување на економиите на Западен Балкан во следните десет години, што значи да се намали јазот во развојот со просекот на Европската Унија“, кажа тој на состанокот на лидерите на Западен Балкан и функционерите на ЕУ за евроинтеграциите на регионот и спроведувањето на Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан.

Додаде дека иако Европската комисија е на крај на мандатот, сака да остави нешто зад себе што е сериозно, опипливо за да се забрза процесот на проширување.

Интеграцијата, кажа Вархеји, не подразбира само администрација туку и општествена и економска интеграција на регионот во ЕУ.

„Што исто така значи дека ЕУ веќе треба да обезбеди бенефити за членството дури и пред самото пристапување“, кажа тој.

Европскиот комесар истакна и дека е потребно регионот да оди побрзо напред, да спроведува реформи, и дека планот ќе функционира само со нивно спроведување.

Од лидерите на Западен Балкан, покрај домаќинот Еди Рама, на самитот се присутни претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија Таљат Џафери и претседавачката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто, а ги нема претставниците на Црна Гора и Косово кои вчера беа во Тирана на самитот Украина – Југоисточна Европа.

Самитот е посветен на Планот за раст на Западен Балкан кој предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се неповратни грантови, а четири милијарди се поволни кредити од ЕУ. Целта е да се поттикне економски раст на регионот и да се забрза социоекономското усогласување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ