„Тука не е само финансирањето, туку и отворени агенди и можност за однапред да се почувствуваат некои од придобивките од постепената интеграција“, истакна Вархеји во интервјуто дадено по повод вчерашниот договор меѓу Европскиот совет и Европарламентот за формирање на Механизмот за раст и реформи на Западниот Балкан, што претставува финансиски инструмент на Планот за раст.
Според Вархеји, работите сега се поставени така што до 2027 година кога ќе истече сегашната Повеќегодишната финансиска рамка и до кога е и важноста на Планот за раст, би имале сѐ што е потребно земјите од Западниот Балкан да бидат подготвени да се приклучат на Унијата.
Вархеји истакна дека сега останува да заврши формалната процедура за усвојување на Регулативата за создавање на Механизмот, како и да се изработат реформските агенди на секоја од земјите од регионот.
Според еврокомесарот, земјите од Западен Балкан се отидени прилично напред во изработката на своите реформски агенди и веќе се доставени конечни предлози.
Во однос на тоа кога може да се очекуваат првите исплати на средства од Механизмот, Вархеј посочува дека тоа ќе зависи и од спроведувањето на реформите посочени во ланскиот извештај за напредокот на земјите од регионот на патот кон ЕУ.
Тој нагласи дека со средствата од Механизмот, земјите од Западниот Балкан ќе може да ги забрзаат реформите, но и да обезбедат инвестиции за проекти од животната средина или енергетскиот сектор област, врз основа на утврдени правило и законски барања.
Во однос на останатите мерки предвидени со планот за постепена интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, Вархеји посочува дека уште лани во ноември подготвил листа на области каде што смета дека би можеле да се придвижи тој процес.
Тој изрази надеж дека и следниот состав на Европскиот парламент ќе помага за побрза имплементација на Планот, бидејќи, како што вели, во интерес на Европската Унија е да го постигне овој успех, но и да помогне да се намали економскиот и социјалниот јаз меѓу ЕУ и Западниот Балкан.
Во меѓувреме, првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ денеска изјави дека Планот за раст ѝ дава на Македонија дополнителна сила и мотивација да не се откаже од европската иднина.
„Ова претставува значаен чекор напред за Северна Македонија на патот кон ЕУ, како земја која веќе ги започна пристапните преговори и успешно ја заврши првата фаза односно скрининг процесот. Со други зборови Европската унијата се заложува да ја спроведе една од најголемите инвестициски стратегии за интеграција на регионот на Западен Балкан, преку заедничка соработка со вкупно две милијарди евра во грантови и летири милијарди евра во заеми, за помош во реформите поврзани со ЕУ и економското приближување до европскиот стандард, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот потенцира дека пораката од ЕУ се надоврзува на македонските заложби, го потврдува она што ни е нам важно.
„ЕУ сака Македонците да бидат дел од Унијата. Во меѓувреме потребно е да ги реализираме реформите преку стратешки планови со цел раст на регионот и државата кои ќе донесат значителни социоекономски придобивки за сите граѓани. Токму затоа, Планот за раст ни дава дополнителна сила и мотивација да не се откажуваме од европската иднина, за доброто на сите граѓани“, вели Маричиќ.