сабота, 25 мај 2024

Вардар со важна победа се враќа од Штип, порази за Струга и Шкупи

Вардар со убедливи 3-0 победи на гостувањето кај Брегалница и освои три големи бода во борбата за опстанок, првите две екипи на табелата ги загубија своите мечеви, Струга беше поразена од Тиквеш со 3-2, а Шкупи во Гостивар со 2-0.

Објавено на

часот

Сподели

Во еден од клучните натпревари за опстанок, Вардар ја победи Брегалница со 3-0. Црвено-црните го отворија резултатот уште во осмата минута со погодок на Шушњара.

Брегалница напаѓаше, се обидуваше да дојде до израмнување, а Вардар од контра напади во финишот од мечот постигна уште два за на крајот да се радува на убедлив триумф.

Во 84. минута по асистенција од Ристовски, 19-годишниот Ѓорѓи Дошев погоди за 2-0, а конечните 3-0 за Вардар ги постави Николовски во судиското продолжение од мечот.

Тиквеш ја победи Струга со гол на Луан Силва во 94. минута од мечот. Натпреварот заврши 3-2 за кавадаречкиот тим.

Претходно, домаќините водеа со гол на Мојсов од првото полувреме, Струга во вториот дел со два гола на Ибраими го сврте резултатот и поведе со 2-1, но Стојкоски изедначи на 2-2.

Шкупи не го искористи киксот на Струга, чаирскиот тим исто така го положи оружјето, тие загубија кај Гостивар. Кировски и Кехинде беа стрелци на головите за победа на домаќините од 2-0.

Денеска најмногу профитираше Шкендија која со победа од 3-2 над Брера се изедначи бодовно со Струга и Шкупи.

Струмичкиот тим со голови на Ивковиќ и Цветаноски имаше водство од 2-0, но успеа да го прокоцка. Во финишот од мечот Шкендија даде три гола, Адеми намали на 2-1, Цаке реализираше во 87. минута за 2-2, а во четвртата минута од продолжението Аганспахиќ ја донесе победата од 3-2.

Воска со победа од 2-0 на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров и официјално ги избегна последните две позиции кои водат директно во втората лига. Двата гола беа постигнати во второто полувреме, а беа дело на Илиески и Марушиќ.

Работнички со гол на Гандо Биала во 82. минута победи на гостувањето кај Силекс со 1-0.

Резултати 30. коло:
Брегалница – Вардар 0-3
Гостивар – Шкупи 2-0
Македонија ЃП – Воска 0-2
Шкендија – Брера 3-2
Силекс – Работнички 0-1
Тиквеш – Струга 3-2

Табела: Шкендија 58, Струга 58, Шкупи 58, Тиквеш 42, Силекс 41, Гостивар 40, Работнички 38, Брера 37, Воска 37, Вардар 32, Македонија ЃП 26, Брегалница 26.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ