Вардар по три години повторно одигра прволигашки меч на својот „Градски“, овојпат му беше гостин на градскиот ривал, Работнички.
Пред убава атмосфера која ја креираа Комитите од западната трибина, фудбалерите на Вардар и Работнички одиграа бледо прво полувреме.
Во вториот дел Работнички тргна поконкретно, Вардар не успеваше да наметне игра. Клучниот момент се случи во 75. минута кога Тодоровски постигна гол за водство на домаќините од 1-0.
По примениот гол Вардар конечно тргна поофанзивно и создаде неколку шанси. Највпечатлив беше обидот на Глишиќ од огромна далечина, но Алексовски беше внимателен и не дозволи да биде изненаден.
Работнички го бранеше водството, а се обидуваше со контри да даде и втор гол. Тоа се случи во четвртата минута од судиското продолжение кога Мазари ги постави конечните 2-0
На крајот Работнички заслужено се радуваше на трите бода со кои го прескокна Вардар на табелата.
Шкендија ја прослави најубедливата победа оваа сезона откако со 6-1 го победи Силекс во Тетово. Првото полувреме не наговестуваше дебакл на кратовчани.
Красниќи донесе водство за Шкендија, Ефтимов изедначи за Силекс, со 1-1 се отиде на одморот. Но вториот дел беше сосема поинаков. Красниќи даде уште еден гол, по еднаш погодија и Цаке, Адеми, Аганспахиќ и Рамадани за убедлива победа од 6-1.
Шампионот Струга киксна на домашен терен, одигра само 2-2 против Брегалница, а можеше и да загуби.
Стружани имаа водство со гол на Шабани во првото полувреме, но во вториот дел штипјани преку Стојчевски и Селмани го свртеа резултатот. Во финишот од мечот Бесарт Ибраими од пенал ја спаси Струга од пораз.
Резултати 27 коло:
Работнички – Вардар 2-0
Шкендија – Силекс 6-1
Струга – Брегалница 2-2
Вчера
Брера – Воска 1-0
Шкупи – Македонија ЃП 3-1
Гостивар – Тиквеш 2-1
Табела: Струга 55, Шкупи 54, Шкендија 52, Силекс 37, Тиквеш 36, Гостивар 36, Брера 33, Работнички 31, Вардар 29, Воска 28, Брегалница 26, Македонија ЃП 25.