сабота, 27 јули 2024
Интервју со главниот извршен директор на Визер

Варади: Остануваме на македонскиот пазар, очекувајте и понатаму ниски цени на летовите

Објавено на

часот

Сподели

Г-дине Варади, Визер може да се пофали со нови авиони во својата флота. За каков точно модел станува збор?  

-Да, така е. Станува збор за Еарбус А321 Нео. Па, можеби најдобриот начин да се разбере тоа е податокот дека пред пандемијата управувавме со флота од 119 авиони. Денес имаме 180 авиони. А флотата ќе порасне на 200 авиони до крајот на годината. Значи, во основа за три и пол години, ќе одиме од 119 на 200 авиони. Ова се сосема нови испораки на авиони кои доаѓаат од производителот.  Новиот мотор согорува многу помалку гориво, поеколошки е, согорува 20 отсто помалку гориво од другите и е помалку бучен од претходно.  И се разбира како резултат на тоа, економски, овие авиони се поефикасни. Ние сме во првите редови по иновации во индустријата. Во таа смисла, веројатно ние сме авиокомпанија број еден во светот во овој многу тежок период. Мислам дека ние, на некој начин, сме многу агилни и во овој период ги искористивме можностите за инвестирање и бевме фокусирани на иновациите и на одржливоста. Се разбира, бевме многу фокусирани на растот и искористувањето на сратешките можности за бизнисот.

Како компаниија како го оценувате вашето долгогодишно присуство во Македонија? Колку сте задоволни, а што може да посочите како проблем во вашата досегашна работа?

-Мислан дека вашата земја останува како наш пазар за инвестирање и ние продолжуваме да бараме можности за инвестирање. Оваа година нашата флота ќе лета со 35 отсто повеќе капацитет од минатата година. Остануваме посветени и многу заинтересирани и продолжуваме да инвестираме, да носиме нови авиолинии на пазарот. Нашата врска со владата е многу силна. Знаете, ние сакаме да бидеме добар корпоративен пример во вашата земја и да ги слушнеме различните засегнати страни, што сакаат да постигнат и да видиме како можеме најдобро да ги усогласиме нашите планови за да ги постигнеме своите цели. Јас сум задоволен од врската што ја имаме.

На последниот тендер на македонската влада добивте субвенции за четири нови летови. Врз основа на кои параметри одлучивте да ги воведете авиолиниите кон Луксембург, Штутгард, Салцбург и Љубљана?

-Па прво ги гледавме очекуваните финансиски перформанси, но ги слушнавме и преференците на Владата. Се обидовме да ги комбинираме тие два принципи. Но, во исто време, сакавме сето тоа да има деловна смисла. Мислам дека на тој начин го направивме тој избор.

Владата најави дека кон крајот на годината ќе има уште еден повик за субвеницонирање со дополнително нови дестинации. Дали вашата компанија повторно ќе се пријави на повикот и за кои авиолинии би било тоа?

-Секако дека ние сме заинтересирани. Ние бевме првата компанија што инвестираше во Македонија и ќе продолжиме да го правиме тоа каква и да е иницијативата што ќе ја преземе Владата. Ние секогаш имаме интерес за такви иницијативи. Можете да сметате на нас дека ќе го направиме тоа, ќе ја разгледаме и тоа го сфаќаме сериозно.

Кои се причините што вашата компанија ги укина летовите кон повеќе европски дестинации, како на пример, Барселона, Биљунд, Прага, Малта, Талин? Дали вашите клиенти може да очекуваат враќање на овие авиолинии? 

-Тоа е динамична работа и она што е важно е тоа што ние на крајот мора да имаме заработка од тоа. Знаете, ако одредена дестинација не е финансиски оправдана ние мора да преземеме некои болни чекори и таквите дестинации да ги откажеме. Но затоа во исто време лансираме други, нови дестинации каде што гледаме дека има поголема и поодржлива побарувачка. Како што кажав претходно, годинава го зголемивме капацитетот за превоз на бројот на патници. Ние навистина се обидуваме да ја разбереме побарувачката и тоа каде луѓето сакаат да одат, за каде се луѓето подготвени да платат, а тоа го прави бизнисот одржлив. Знаете, понекогаш динамиката на потрошувачите се менува и ние мора да реагираме на тоа. Така и додаваме нови дестинации или ги откажуваме постојните. Главно тоа е финансиски мотивирано.

По светската криза предизвикана од пандемијата со ковид-19 но и инвазијата на Русија врз Украина, условите во авиосообраќајот се видно изменети. Авиобизнисот ќе мора да се прилагодува и на „зелената агенда“ на Европската Унија. Како го гледате развојот на авиолиниите од Скопје кон Европа во следните пет, десет години и што ќе значи тоа за вашите клинети?

-Па, има политички и геополитички работи кои влијаат на операциите. Постојат синџири на снабдување, ефективни операции на индустријата. Но, во исто време, индустријата е навистина поткрепена со економските движења на пазарите. Значи, најважниот долгорочен фактор, би рекол е БДП-то, дали расте или не. Мислам дека тоа е добар показател зошто БДП-то е навистина важен. Моето лично очекување е дека БДП-то во Македонија ќе продолжи да расте исто како и во Европа, а како резултат на тоа, ќе продолжи да расте и авиоиндустријата. Се разбира, дека ние како лидер на пазарот во земјата, ќе бидеме во првите редови на тој развој и ќе продолжиме да додаваме на капацитетите. Ќе продолжиме да го стимулираме пазарот за да се увериме дека индустријата ќе стане успешна.

Знаејќи ги стандардите на ЕУ во однос на државното субвенционирање на летовите, што очекуваат во оваа смисла? Дали тоа значи враќање на скапите авионски билети и дали воопшто може да се надеваме дека во иднина ќе може да патуваме со евтини летови?

-Мислам дека во наш интерес е да продолжите да летате евтино. Хм, а ние правиме сè за да останеме и останеме на таа позиција и да понудиме ниски цени на пазарот. Во наш интерес е да ги задржиме ниските цени на летовите и ние правиме сѐ така и да остане. И мислам дека во оваа смисла Визер е сосема различна и посебна во однос на другите авиокомпании затоа што постојат две работи кај Визер што ги нема кај другите. Прво имаме нови авиони во нашата флота и тоа прави голема разлика. Зборувавме за моторите кои трошат 20 отсто помалку гориво отколку класичните мотори што влијае многу на трошоците на операциите. Втора работа е што ќе ја зголемеме флотата од 180 на 200 авиони. Го зголемивме капацитетот на седиштата. Колку е поголем бројот на седишта во авионот, толку е помал трошокот. Ако летате со поголем авион, седиштето ќе ве чини помалку отколку да летате со помал авион. Така, кога ќе ги комбинираме овие два фактори ние сме различни од останатите во авиоиндустријата. Така, тоа ни дава можност да се поставиме спротивно на она што сега го гледаме. Да, секако горивото е поскапо од порано. Да, секако дека работната сила е поскапа од порано поради инфлацијата. Но, во исто време, дел од тоа можеме да го надоместиме со овие, претходни работи. И мислам дека нашата релативна предност во однос на останатите само ќе расте во следните години. Мислам дека повеќето од авиокомпаниите ќе бидеме принудени да ги зголемиме цените, но мислам дека ќе можеме да ги одржуваме тие цени што е можно пониско. Значи, треба да очекувате многу ниски цени и понатаму.

                                                                                                             Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ