сабота, 27 јули 2024
Собирање потписи за претседателските избори

Ванковска и Јакимовски во трка да им се приклучат на Oсмани, Димитриевски и Таравари

Актуелниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски и професорката Гордана Силјановска Давкова засега знаат дека во трката за влез во Вилата Водно ќе им се приклучат кандидатите на ДУИ, на ЗНАМ – за наша Македонија и на коалицијата Вреди, Бујар Османи, Максим Димитриевски и Арбен Таравари. Тие тројцата ги собраа потребните 10.000 потписи на поддршка од граѓани, а се чини реални се изгледите да им се придружат и кандидатите на Левица и на ГРОМ, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски. Официјално, Пендаровски и Силјановска Давкова се уште и не се кандидати за највисоката државна функција, но се во комотна позиција и го набљудуваат процесот што се одвива во Државната изборна комисија.

Објавено на

часот

Сподели

Пендаровски и Силјановска Давкова, зад кои стојат големите партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со своите коалициски партнери, ја имаат можноста и без собирање на потписи, со поддршка од по само 30 пратеници, да се кандидираат за претседател. Само за овие две партии тоа е изводлива комбинација, но тоа ќе биде сторено откако и официјално, тие како предлози ќе ги добијат одлуките од партиските тела. Од ВМРО-ДПМНЕ беше најавено дека без оглед на таквата можност, партијата ќе организира и собирање на потписи од граѓани и на тој начин пред ДИК двојно ќе ја зајакнат својата кандидатка пред гласачите во изборната трка која претстои.

Според последниот пресек на собрани потписи што ДИК го изготви синоќа, заклучно со 20 часот, Бујар Османи значително ја надминал бројката од потребните  10.000 потписи и бележи дека 11.028 лица му ја дале поддршката да биде шеф на државата.

На второ место е лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски со 10.700 пописи, а и за Арбен Таравари од коалицијата Вреди веќе е познато дека ќе се натпреварува за Вилата Водно, бидејќи за 83 гласа го надмина потребниот праг.

Овие кандидати имаат можност да се заблагодарат и да ги повикаат граѓаните дека повеќе нема потреба да си го трошат времето бидејќи работата практично ја завршиле, освен доколку не сакаат до 8 март, кога завршува рокот за давање потписи да водат меѓусебен натпревар кој на крајот, формално, нема значење.

Се чини дека далеку пред рокот својата кандидатаура ќе можат да ја официјализираат Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски. Ванковска синоќа имаше 7.876 потписи, а Јакимовски 6.676 потписи.

Останатите претенденти за изборната изгледа ги очекуваат неизвесни денови до крајниот рок, зашто сите имаат добиено помалку од илјада гласови.

Вело Марковски и Ѓорѓи Манасков, кои не ја добија поддршката од ВМРО-ДПМНЕ да бидат нивен кандидат, но очекуваат дека од симпатизерите на партијата и воопшто од граѓаните ќе добијат потписи, засега стојат лошо на табелата на ДИК.

Голем предизвик е собирањето потписи и за Мерсиха Смаиловиќ од бошњачката заедница.

Зорица Цветковска, кандидатката на партијата Десна, има само 140 потписи, а вевчанецот Господин Попоски, кој е градежен работник, собрал само 40 потписи.

Крајниот рок за добивањето на поддршка за влез во претседателската трка истекува на 8 март на полноќ. Колку кандидати ќе има за претседател на Македонија ќе дознаеме ден потоа.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ