Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера со фотографија и опис ја објави Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Македонија. Девојчето за исчезнато го пријави неговата мајка што побара помош од полицијата откако од училиштето ѝ се јавиле дека Вања не е дојдена на училиште, а мобилниот телефон ѝ бил исклучен.
„ЃОРЧЕВСКА ВАЊА, татко Александар, мајка Зорица, родена 27.2.2009 година во Скопје. Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ ‘Песталоци’ во општина Центар Скопје. Опис: висина 175 см, тежина 58 кг, коса темнокафеава, очи кафеави, носи протези на горните и долните заби, има бенка на десна страна од лицето. Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон ‘ајфон’“, стои во описот на МВР.
Другарчињата на Вања низ Скопје лепеа плакати со нејзината фотографија на која стои опис и телефонски број за да се пријави ако некој ја види. За сега потрагата трае.