сабота, 27 јули 2024

Утре започнува конститутивната седница на Собранието, во клупите ќе седне и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Утре во 11 часот во собраниските клупи во пленарната сала ќе седнат новоизбраните пратеници, меѓу нив ќе бидат и досегашни министри и досегашни пратеници, а за првпат со пратенички мандат се стекна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој нема да се задржи долго во законодавниот дом, имајќи предвид дека наскоро од претседателката на Македонија ќе го добие мандатот за состав на нова влада. Три дена е рокот оваа седница да заврши, а со нејзиниот исход парламентот ќе го добие и новиот спикер, кој веројатно ќе биде Африм Гаши, лидерот на Алтернатива од коалицијата Вреди.

Објавено на

часот

Сподели

Според Изборниот законик, конститутивната седница ја закажа актуелниот претседател на Собранието, Јован Митревски, запазувајќи го рокот од 20 дена од изборите. Со самата седница ќе претседава највозрасниот пратеник, а тоа е Мерита Колчи Коџаџику од Демократското движење, односно од коалицијата Вреди.

По утврдувањето на кворум за работа, треба да се изберат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието за потоа да се верификува мандатот на пратениците.

Кандиадатот за претседател на Собранието доаѓа или по предлог од најмалку 20 пратеници или од Комисијата за избори и именување, а претресот по предлогот не може да трае повеќе од еден ден, но се очекува за предлогот да нема многу дискусии, по што се гласа.

Собраниските клупи од утре ќе имааат многу поразличен состав од досегашниот парламент. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сега има дури 58 пратеници, Вреди доби еден мандат плус и сега има 14 пратеници, а во овој парламентарен состав влегува ЗНАМ со шест пратеници. И тоа треба да биде новата владејачка коалиција со вкупно 78 пратеници. Опозицијата пак ќе ја сочинуваат коалицијата на СДСМ со 18 пратеници, ДУИ исто така со 18 мандати, (со резерва дека за еден пратеник ДУИ поднесе приговор до ДИК), а тука како опозиција е и Левица со шест пратеници.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски најавуваше дека неговата коалиција ќе брои 61-62 пратеници, што ќе значи и двотретинско мнозинство, но дали има трансфер кон новото мнозинство од новата опозиција, можеби и на самата седница ќе се насети.

Во новиот состав на парламентот ќе бидат лидерите на сите партии (освен на ЗНАМ) и членовите на раководствата на партиите. Дел од нив, како што веќе објави МКД.мк ќе бидат министри и заменици министри во идната Влада која треба да ја состави Мицкоски.

Во другиот ред на пратеничките клупи ќе седнат досегашни владини функционери и високи партиски функционери од СДСМ и ДУИ, меѓу нив и Димитар Ковачевски, Фатмир Битиќи, Оливер Спасовски, Моника Зајкова и Али Ахмети, Артан Груби, Зијадин Села, Мендух Тачи и други.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ