Се работи за предметот во кој Телеком треба да исплати оштета од четири милиони евра на фирма од Штип, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) почна предистражна постапка. ОЈО ја започна постапката откако министерот за транспорт и врски Александар Николоски го испрати предметот за натамошно разгледување бидејќи државата има дел од сопственоста на Телеком.
„Предметот е заведен во републичкото обвинителство по допис Министерството за транспорт и врски. Дополнителo е прибавен од Судскиот совет извештај бидејќи имало претставка. Предметот е во фаза во која е донесена мерка со која е спречено да настанат штетни последици додека се утврдат моментални штетни последици. До таму е предметот“, изјави за време на брифингот за новинарите Гаврил Бубевски, шеф на скопското обвинителство.
Апелацискиот суд донесе пресуда во корист на фирмата Фокуснет од Штип. Но, откако Судскиот совет ја разгледа оваа пресуда, заклучи дека има низа прекршувања и недоследности, дека имало два записника во Апелација од кој едниот бил лажен. За утре е закажана седница на Судскиот совет на која ќе се разгледува одговорност на судијката на Апелацискиот суд Скопје од случајот Телеком. OJO отвори предмет и се води предистражна постапка за можните неправилности при донесувањето на пресудата на три судијки од Апелацискиот суд.
Се работи за спор стар 20 години покренат од интернет провајдерот Фокуснет против Телеком.
Во целиот случај се вмешува и ДКСК. За истиот предмет по претставка за судијката известител расправаше и Републичкиот судски совет, по што беше усвоен извештај во кој беа констатирани низа незаконитости во постапката.
Од ДКСК се споменува името на нивниот актуелен советник за правни прашања, адвокатот Стевица Јосифовски. Пред неколку години, претходниот состав на Комисијата имаше отворен предмет токму против Јосифовски.
Постојат сомневања дека тој е опфатен и со предметот во кој Телеком треба да исплати оштета од четири милиони евра на фирма, а за овој предмет Основното јавно обвинителство (ОЈО) започна предистражна постапка.
А.Д.