Одржувањето на конференцијата е овозможено откако Комитетот на постојани претставници на 11 октомври ја усвои заедничката позиција на ЕУ за отворање на првиот кластер во преговорите за членство на Албанија во ЕУ.
Албанија ќе биде првата земја кандидат за членство која ги отвора преговорите за пристапување по изменетата методологија на проширувањето, соопшти унгарското претседателство на ЕУ.
Кластерот 1 ги покрива фундаменталните реформи и го отвора патот за почетокот на преговорите за поглавјата од другите кластери.
Напредокот со реформите во кластерот 1 (правосудството и основите права, правдата, слободите и безбедноста, јавните набавки, статистиката, финансискиот надзор) исто така го одредуваат вкупното темпо на преговорите.
„Забрзувањето на проширувањето на ЕУ е целта на унгарското претседателство со ЕУ, и Унгарија тоа го постигна“, објави на Фејсбук Петер Сијарто, министерот за надворешни работи на Унгарија, најавувајќи го отворањето на првиот кластер во преговорите.
Албанија статусот на кандидат за ЕУ го доби во 2014, во 2018 година Европската комисија даде безусловна препорака за отворање на преговорите, а во 2022 беше одржана првата меѓувладина конференција за пристапните преговори со таа земја.
Комисијата потоа го почна процесот на скрининг и во јули 2023 му достави на Советот извештај за скринингот за кластерот 1, вклучувајќи ги мерилата за отворање пристапните преговори во тој кластер.
Патот на Албанија кон ЕУ долго беше поврзан со патот на Македонија.
Меѓутоа, на крајот на септември амбасадорите на ЕУ одлучија да ги раздвојат бидејќи отворањето на поглавјата на Македонија не се наѕира поради блокадата од Бугарија.