вторник, 10 декември 2024

Уставните судии денеска расправаат за наплатата на податоците од Катастар

На дневен ред на денешната седница на Уставниот суд се шест иницијативи меѓу кои и онаа за преиспитување на уставноста на делови од Законот за катастар на недвижности кој предвидува дека на Управата за јавни приходи (УЈП) на централно ниво му се даваат податоци без да ѝ се наплати надоместок, додека на локално ниво мора да се плати иако се работи за исти податоци и иста цел-собирање на јавни приходи.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од Судот, на седницата ќе се дебатира по иницијативата поднесена од Славко Лазовски со која се оспорени делови од Законот за катастар на недвижности.

„Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби се спротивни на членовите 8, 33, 51, 114, 115 од Уставот, како и дека се во спротивност со Законот за општата управна постапка, Законот за даночна постапка, Законот за Управата за приходи, Законот за буџетите, Законот за локалната самоуправа.  Подносителот смета дека се спорни одредбите затоа што на даночното тело на централно ниво му даваат податоци без надоместок, додека на локално ниво се бара надоместок иако се работи за исти податоци и иста цел-собирање на јавни приходи“.

На дневен ред на седницата е и иницијативата поднесена од  Игорчо Точев, со која е оспорен дел од Законот за градежни производи. Со оспорената одредба во конкретниот дел се упатува на примена на норма која не е дел од правниот промет. 

Истиот подносител ги оспорил и Правилникот за случаите во кои се спроведува ПИЦ постапката и содржината на барањето за спроведување на постапката бр.15-3263/1 од 16.06.2021г и Правилникот за начинот на кој се врши процената на безбедноста на хемикалијата и содржината на извештајот на безбедноста на хемикалијата бр.15-3264/1 од 16.06.2011гoдина.

Подносителот во иницијативата наведува дека од содржината на одредбата произлегува дека овластувањето за донесување на подзаконскиот акт со кој во подробности се разработува Законот за хемикалии во однос на наведената одредба се донесува од страна на директорот на Агенцијата за лекови. Се наведува дека не постои овластување на министерот за здравство да го донесе подзаконскиот акт кој не е усогласен со владеењето на правото. 

На сеницата ќе биде разгледана и иницијативата поднесена од Бојан Трпевски, со која е оспорен член 28 од Правилникот за издавање регистарски таблички.

„Во иницијативата се наведува дека оспорениот член не е во согласност со Законот за возила и Законот за организација и работа на органите на државната управа бидејќи во законот се уредени случаите кога се издаваат регистарски таблички, а таму не е наведена ситуација како што е во оспорената одредба од правилникот. Подносителот наведува дека министерот за внатрешни работи нема овластување да носи ваков правилник за прашање кое треба да се уреди со закон и дополнително оспорениот член има повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот“, информираат од Уставниот суд.

Судиите ќе дебатираат и по иницијативата со која е оспорен Правилникот за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор донесен во 2023 година како и по иницијативата со која е оспорена Одлуката од 30 јуни 2023 година за усвојување на барање за одобрување на финансиска помош на заедница на сопственици на посебни делови на станбена зграда Кула 2 на улица „Самоилова“ во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ