Премиерот Ковачевски е дециден дека и опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во носењето на уставните измени како главен чекор кон натамошниот процес за полноправно члеснство на Македонија.
„Од ВМРО-ДПМНЕ се согласија да бидат дел од влада која ќе значи влада на обединување, за да се донесе оваа одлука, да се заврши процесот на уставните измени, да се заврши процесот на скрининг, да се отворат поглавјата и да затвориме барем две поглавја од првиот кластер и потоа да се оди на избори. Сега останува на опозицијата да го кажат ставот од име на партијата, пренесен преку нивниот претседател. Пред нас е период кога ќе се водат разговори и кога оваа одлука треба да биде донесена“, рече Ковачевски.
Според премиерот, сега е геостратешкиот момент за носење на ваква одлука, а она што можеме да очекуваме од ЕУ е да биде уште поконсолидирана и е отворена за прием на нови членки.
И вицепремиерот Маричиќ смета дека треба да се сочека уште некој ден за да му се даде шанса на дијалогот со опозицијата пред Владата да ги пушти уставните измени до Собранието, иако, рече, е јасно дека тие немаат намера повторно да седнат на маса.
Иницијативата за уставни измени, според него, не е никаде заглавена и тие се разгледуваат од сите аспекти.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски синоќа повтори дека уставни измени под бугарски диктат ќе нема,.
„Постапката има три фази и воопшто нема да почнеме со прва фаза која е отворање на постапката, ние уште тука ќе гласаме против“, рече тој.
Според Николоски, бараните уставни измени се само врвот на ледениот брег и тоа е она што може да се види.
„Бараат уставни измени на почеток на преговорите за членство во ЕУ за да можат потоа да ги применат другите уцени. Бугарија сака да го стави ова како приказна која никогаш не завршува и на секои три до шест месеци да излегува со нови барања. Никој не гарантира дека по шест месеци нема да има ново барање. А, тоа што не се гледа, а потенцијално би се гледало, е тоа дека сметаат оти нивната западна граница е поназапад и мислат дека треба да граничат со Албанија. Мислат дека тука живее население кое има бугарски корени, кое зборува дијалект на бугарскиот јазик и таа политика не е сменета затоа стартуваат со уставни измени, па потоа да продолжат со други барања и тоа да нема крај, рече Николоски во интервју на ТВ 21.
Тој оцени дека тоа што го бара Бугарија нема врска со критериумите за ЕУ.
Прашан дали меѓународната заедница врши притисок врз партијата да ги прифати уставните измени веднаш, Николоски рече дека има разговори на таа тема.
„Не можам да кажам дека има притисок, туку дека разговараме. Ние ги кажуваме нашите аргументи, а тие нивните. Ова раководство нема црни точки и затоа нема притисок. Изгубивме една година на тоа. Треба да направат притисок врз Бугарија, бидејќи таа е најслаба во Унијата и нејзе многу повеќе и треба ЕУ, отколку што и треба Бугарија на Унијата“, посочи Николоски.
Известувачот за земјава во Европскиот парламент и бугарски европратеник Илхан Ќучук вчера изјави дека постапката во македонското Собрание за уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот ќе започне во рок од две недели.
„Оваа или следната недела Владата ќе го достави конкретниот предлог на Работната група на расправа во Собранието“, изјави Ќучук за бугарската телевизија бТВ.
Европратеникот кој неделава престојуваше во Скопје во рамки на Жан Моне дијалогот во Собранието, за БНТ изјави дека имал средби со претставници и на власта и на опозицијата.
Според него, вклучувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот на Северна Македонија е многу чувствителен процес и како и при секое отворање на кој било устав има сложена процедура кој бара јавна, но пред се политичка дебата.
„Врз основа на практиката на Европскиот парламент да не се објавуваат извештаи пред важни прашања, предложив разгледувањето на Извештајот за напредокот на земјата да остане за на есен“, изјави Ќучук.
Според него, Извештајот не може да ги реши историските прашања и проблемот со идентитетот, посочувајќи дека всушност Договорот од 2017 година, Преспанскиот договор и „францускиот предлог“ се основа на добрососедските односи.
Од моментот кога владин предлог за уставни измени ќе влезе во Собранието и ќе биде доставен до пратениците, до закажување седницата за гласање на потребата за измени треба да поминат триесет дена. Во овој период, пратениците треба да го разгледаат предлогот. Носењето на уставните измени е во три фази. Во случајов, измените на Уставот треба да бидат завршени до крајот на ноември, кога завршува скринингот на ЕУ