петок, 19 април 2024
Согласно Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории

Уставниот суд донесе одлука граѓаните со попреченост над 65 години да добијат надоместок

Уставниот суд го поништи член 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65 годишна возраст” од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани со што граѓаните со попреченост над 65 години кои не добиле надоместок, сега имаат можност да побараат да им се исплати надоместокот во изминатиот период, од кога Законот е влезен во правна сила.

Објавено на

часот

Сподели

Според член 3 став 1 точка 2 од Законот „корисници на правото на надоместок заради попреченост” се лица со навршена 26 годишна возраст, а најмногу до 65 годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа.

Од содржината на погоре наведениот член од Законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок заради попреченост, не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка согласно со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.

Судот оценил дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.

„Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок заради попреченост, според Судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата кои се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок заради попреченост), но едни можат да остварат право на финансиска поддршка, а други не можат, исклучиво заради возраста“, стои во соопштението од Уставен суд.

Во декември 2022 година Уставниот суд го укина став 2 од членот 44 од Законот за социјална заштита, кој оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок поради попреченост.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ