сабота, 27 јули 2024

Уставниот совет на Франција денес одлучува за реформата на Макрон која ја крена земјата на нозе

Објавено на

часот

Сподели

Уставниот совет, или „советот на мудреците“, како што го нарекуваат во Франција, би можел да ја потврди усогласеноста на текстот на законот или да приговори на одредени мерки, односно да го отфрли текстот во целост.

Ако Советот го одобри законскиот предлог со кој старосната граница за пензионирање се зголемува од 62 на 64 години живот, владата ќе има право да го прогласи со надеж дека тоа ќе стави точка на протестите.

„Земјата мора да продолжи да оди напред, да работи и да се соочи со предизвиците кои нè очекуваат“, кажа францускиот претседател Емануел Макрон.

Синдикатите и опозицијата предупредуваат дека повеќемесечните бурни расправи и протести поради законот за пензиите, кој владата го протурка низ парламентот без гласање поради немање мнозинство, нема брзо да исчезнат, дури и ако законот добие одобрување од Советот.

Синдикатите и демонстрантите ќе продолжат да вршат притисок на Макрон да не го прогласи законот, и ќе се обидат да најдат друг излез, а опозицијата се надева дека би можел да се организира референдум на кој граѓаните би се изјасниле за предложената реформа, но за таков предлог потребно е да се соберат речиси пет милиони потписи.

„Ова сигурно не е последен ден на штрајкот. Макрон мора да го повлече законот или нема да може да управува со оваа земја“, кажа во четвртокот Софи Бине, новата лидерка на синдикатот ЦГТ, предупредувајќи на нови штрајкови.

Извор близок до Макрон соопшти дека владата веројатно брзо ќе го официјализира законот, веројатно на почетокот на следната недела, ако добие зелено светло од Советот, за да се обиде да продолжи понатаму со предложените реформи.

Одлуката на Советот се чека до вечерва, и ако може да се случи таа да го поништи предлог законот, што ретко се случува, француските експерти за уставно право и владини избори го сметаат тоа за малку веројатно.

Лидерката на крајната десница Марин ле Пен, која е против реформата на пензискиот систем, изјави дека не е оптимист околу одлуката на Уставниот совет.

„Но, што сакате да правам? Да палам автомобили? Само ќе им кажеме на Французите: Гласајте за националниот собир“, кажа таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ