вторник, 5 март 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Уставни измени за саморазорување на македонскиот народ и држава

Освен Владата и нејзините дежурни аналитичари, на таа површност и потценувачки однос кон македонската јавност, по нарачка се придодаваат и лидерите на земјите во ЕУ, кои секоја недела нѐ посетуваат со пораки „да не ги драматизираме уставните измени“, „тие се само техникалија“ и „не се блокирајте самите“. Јавната дебата се држи на едно исклучително ниско ниво од страна на Владата.

Зошто Владата избегнува да навлезе во образложување на ефектот кој ќе го имаат уставните измени врз нашиот правен систем и општество? И зошто Бугарија толку многу инсистира на уставните измени? Во овој текст, ќе се обидам на еден објективен начин да ги анализирам правните и општествените последици од уставните измени по бугарски терк и логички да ги предвидам барањата од Бугарија кои допрва би следеле по отварањето на преговорите со Европската Унија.

Народите наведени во Преамбулата на Уставот на Република Македонија

Бугарија бара бугарскиот народ да се вметне во Преамбулата на Уставот на Република Македонија. Според сегашниот текст на Преамбулата, Македонија е држава на македонскиот народ, но и на дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите. Со вметнувањето на Бугарите помеѓу овие народи, Република Македонија станува држава и на бугарскиот народ. По Република Бугарија, втора држава на Бугарите. Ова е прва политичка и симболична победа на Бугарија со уставните измени.

Бугарија е очигледно добро запознаена со законите во Република Македонија, која во поглед на почитување и поттикнување на културните права на своите малцински народи го има можеби најповолното законодавство во Европа. Со уставните измени, Република Македонија би се обврзала да презема државни мерки за остварување, унапредување и заштита на етничките, културните, јазичните и верските особености на македонските Бугари. Не дека во моментот тие кои се идентификуваат како Бугари ги немаат овие права, но државата не е воопшто обврзана да презема позитивни мерки за заштита на културните права на Бугарите и да издвојува од државниот буџет за оваа цел. Ова особено имајќи го предвид нивниот мал број во споредба со народите кои се изречно наведени во сегашниот текст на Преамбулата. Со нивното запишување како конститутивен народ, Република Македонија ќе нема оправдување да не издвои дел од државниот буџет за унапредување на севкупните културни права на Бугарите во Македонија, без разлика колку граѓани ќе се попишат како такви.

Малцинските права кои ги обезбедува Македонија

Законите предвидуваат многу обврски за македонската држава во поглед на унапредувањето на малцинските права, а со уставните измени Македонија би ги имала следниве клучни обврски спрема Бугарите:

1. Обезбедување на право на образование на својот јазик и писмо

Ова практично би значело дека Македонија би морала да обезбеди настава на бугарски јазик по сите училишни предмети за секое дете чиј родители би посакале тоа да учи на бугарски јазик. Бугарија секако, со задоволство би помогнала на државата во обезбедување човечки и други ресурси за непречено навлегување на бугарскиот јазик и култура во образовниот систем во Македонија.

2.  Право на програма на МРТ

МРТ би имала обврска да создава и да емитува програми кои придонесуваат за негување и унапредување на знаењето и разбирањето за културниот идентитет на македонските Бугарите во Македонија.

3. Основање на национални установи за унапредувањето на културата на Бугарите

При основањето на национални установи Владата на Република Македонија би била обврзана да се грижи за унапредувањето и афирмирањето на културата на бугарскиот народ. Ова практично би значело обврска за основање на бугарски народен театар во Македонија, бугарски библиотеки и други културни установи наменети на македонските Бугари низ територијата на државата.

4. Државно финансирање на проекти од културата на бугарскиот народ

Согласно Законот за култура, Македонија има обврска да го поттикнува и помага изразувањето, негувањето и афирмирањето на културниот идентитет на заедниците во Републиката. Така, финансирањето на проекти за промоција на традицијата и историјата согласно верувањето на македонските Бугари би станала државна обврска.

Може да се дебатира дали овие широки малцински права кои ги гарантира и обезбедува Република Македонија се правилна државна политика и дали не придонесува кон разорување на националното единство во државата, но само по себе ова законско решение не е толку проблематично. Македонската држава отсекогаш искрено и со почит ги прифаќа и негува различностите, карактеристика што е олицитворение на антифашискиот дух на народот. Оваа почит се однесува и на Бугарите како соседен народ, без разлика на односот на бугарската држава спрема Македонија.

Проблемот се јавува кога овие права ќе мора да се обезбедат за т.н. „самоосвестени“ македонски Бугари – заедница чие верување е дека македонскиот етнос традиционално не постоел на територијата на Република Македонија. Заедница која негува култура и верува во историскиот наратив кој го наметнува бугарската држава, односно во исправноста на ставот на Ванчо Михајлов дека словенското население од Македонија низ вековите пројавувало бугарска етничка припадност. Оттука, наметнато од своја соседна држава со иредентистички намери, Република Македонија ќе се доведе до ситуација да финансира и поттикнува антимакедонска култура, историја и традиција. Иронично, македонската држава би имала законска обврска за помагање на великобугарска иредентистичка пропаганда и издвојување на државни ресурси за негирање на македонскиот народ.

Сето ова неминовно ќе значи бескрајно и континуирано разгорување на национална омраза и повреда на чувствата на Македонците, фрустрација кон сопствената држава и губење на лојалноста кон државата и чувството на патриотизам. Во вакви околности, асимилаторска политика на Бугарија кон Македонците ќе наиде на плодна почва за далеку поголема успешност од сегашната.

Идните барања на Бугарија

Не е логично да очекуваме дека овде би застанала Бугарија. Со влегувањето на Бугарите во Уставот и законодавството во Македонија, би имале правен основ и рамка за сите свои понатамошни иредентистички барања кон Македонија на патот кон ЕУ, а согласно преговарачката рамка прифатена со францускиот предлог. Бугарија ова не го крие. Напротив, претседателот Радев пред неполна година призна дека Бугарија „нема да дозволи легитимација на македонизмот во ЕУ.“ Појасна потврда дека Бугарија нема намера да дозволи македонскиот идентитет полноправно да влезе во ЕУ нема.

Но, за понатамошна делегитимација на македонискиот идентитет, би било потребно дополнително поттикнување на бугарскиот карактер на Македонија и македонскиот народ, преку понатамошни законски измени. Најочекувани барања на Бугарија во оваа насока, би биле:

  • измена во Законот за празниците на Република Македонија, со цел прогласување за празник и неработен ден за припадниците на бугарската заедница – 3 март, Денот ослободувањето на Бугарија, односно потпишувањето на Сан Стефанскиот договор, со кој територијата на Македонија во 1878 година требало да припадне на Бугарија. Симболично контрадикторно со постоењето на самостојна и независна македонска држава;
  • законски измени за обезбедување задолжителни пратенички места во Собранието на Република Македонија за припадниците на заедниците. Вакво законско решение има во неколку држави во Европа, меѓу кои се Хрватска, Словенија, Белгија, Ерменија и др. Со оглед дека Бугарите се премалку да обезбедат пратеничко место преку гласови на избори, Бугарија со сигурност би инсистирала на законски измени. Така, нивните претставници би се стекнале со пратенички имунитет и слобода од собраниска говорница да го негираат македонскиот идентитет и да шират бугарска иредентистичка пропаганда пред широк аудиториум во законодавниот дом на Република Македонија;
  • зголемување на квотите за вработување во државните институции за припадниците на заедниците. Со посебни огласи за вработување на лица со бугарска националност, многу наши сограѓани со бугарски пасоши би приложиле документи дека имаат бугарска етничка припадност. Бугарија секако би инсистирала зголемувањето на етничките квотите да се однесува и на приемните испити во Академијата за судии и обвинители, директорските места во институциите итн.;
  • измени во Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, со цел државните органи да се обврзат да го истакнуваат бугарското знаме на што повеќе места на територијата во државата.  

Имајќи го предвид црвсто изградениот антимакедонски државен став во Република Бугарија, како и самата преговарачката рамка усвоена со францускиот предлог, наивно е да се надеваме дека овие барања нема да станат дел од преговорите на Македонија за влез во ЕУ. Со отворањето на Уставот, Бугарија го добива уставниот и законски основ на кој ќе ги темелат сите понатамошни свои барања за саморазорување на македонскиот народ и држава.

Затоа, неопходно е брза и целосна промена на нашиот однос и државен став кон преговорите со Европската Унија и улогата на Бугарија во нив. Во спротивно, со зборовите на професорот Цуцуловски, отворањето на Уставот би било отварање на македонскиот ковчег, после што би следело негово поклопување, од кое излегување ќе нема.

 

                                                                                                                                       Влатко Токарев,

                                                                магистер по правни науки на Кембриџ во Велика Британија

                                                                                                                         Преземено од Антропол.мк

КОЛУМНИ

Вело Марковски

Либерализмот е жив, да живее Бернард Шо

Ристо Цицонков

Енергетска транзиција или енергетски хаос (2)

Боби Бадаревски

Важноста на ВИ писменоста во борбата против дигиталното родово базирано насилство

Рајко Пеколски

(Дe)конструкција

Зоран Дабиќ

Самонаречениот месија Османи

Нина Л. Хрушчова

Осамената смрт на Алексеј Навални

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ