Освен парламентарните политички партии во работната група при Министерството за правда претставници треба да номинираат и од Кабинетот на претседателот на државата, Министерството за надворешни работи, Секретаријатот за европски прашања и експерти од областа на уставно право.
И додека во јавноста викендов се лицитираше со можните имињата на членовите, дел од политичките партии на дописот од Министерството за правда одговорија негативно. ВМРО-ДПМНЕ, Алтернатива, Левица, СПМ и Демократски сојуз информираа дека нема да учествуваат во работната група.
На дописот од Министерството за правда претседателот Стево Пендаровски потврди дека негов претставник во работната група за измени на Уставот ќе биде професорот од Правниот факултет Александар Спасов, кој е негов правен советник. Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кажа дека СЕП активно ќе учествува во работната група и дека најдоцна до понеделник ќе биде дефинирано и соопштено името на претставникот кој ќе биде вклучен во работната група за уставни измени.
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени, оценувајќи дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.
„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментиарат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандамни, се драфтираат… Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со тоа прашање, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работатата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“, рече Мицкоски.
Социјалистичката партија на Македонија, во соопштение до медиумите, информираше дека нема да партиципира во работната група на власта која, како што наведуваат „нема мандат ниту легитимитет за вакви уставни промени“ и дека таа „треба да се формира дури откако ќе се изгласа потребата за промена на Устав во Собрание, со потребното двотретинско мнозинство“.
Демократскиот сојуз, исто така, информираше дека нема да партиципираат во работната група за промена на Уставот, посочувајќи дека „сѐ додека Бугарија го негира македонскиот народ, како и автентичноста на македонскиот јазик, не треба да се почнува постапка за промена на Уставот.“
И Левица преку соопштение од медиумите, информираше дека партијата одлучно ја одбива поканата за учество во работните групи за уставни промени.
Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирија Ибрахими, на прес-конфернција изјави дека Алтернатива нема да учествува во работната група за измени на Уставот. Причината за ваквата одлука, како што посочи Ибрахими, е што за нив не може да има работни групи за изготвување или подготовка на уставните измени додека не се постигне политички консензус меѓу политичките партии за поддршка на овие измени, преку кој мора да се отвори патот кон интеграција на државата во Европската Унија.
Министерството за правда, како што беше информирано, во барањето за номинација навело дека во интерес на исполнување на нашата обврска која произлегува од Преговарачката рамка што ја усвоија 27-те земји членки на ЕУ, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава, и дека за таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на Уставното право и кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени.
Според претходно објавените информации, постапката за уставни измени, односно промена на Преамбулата на Уставот, треба да заврши најдоцна до ноември годинава, по завршувањето на скринингот на ЕУ.