понеделник, 9 декември 2024

Уставен утре ќе одлучува за Пуцко петрол и за забраната на општините да формираат ЈП за осветлување

Објавено на

часот

Сподели

Со иницијативата е оспорена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 во Општина Карпош од март 2021 година донесена на вонредна седница на Советот на Општина Карпош.

„Во иницијативата е наведено дека оспорениот ДУП ги урива темелните вредности врз кои е заснован уставниот поредок и дека донесената Одлука мора да биде во согласност со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје, бидејќи просторот од градска четврт кадешто е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, а тоа се објекти за домување и делумно комерцијални објекти, но не и објекти со класа на намена Е-инфраструктура во која влегуваат бензински пумпи. Се наведува дека не постојат услови за комунална супструктура за намена на објекти како бензинска пумпа и секоја таква градба би ја загрозило инфраструктурата и може лошо да влијае на здравјето на луѓето и на животната средина“, информираат од Уставниот суд пред утрешната седница.

Подносителката во иницијативата наведува дека Општина Карпош нетранспарентно ја донела Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка на влијанието врз животната средина.

Уставниот суд со поведување на постапка на 11 јануари годинава оцени дека тој ДУП не е во согласност со ГУП на Град Скопје, нешто што е предвидено во содржината на Законот за просторно и урбанистичко планирање, но го оценува и како спротивен на владеењето на правото. Во тек е и времена мерка, бидејќи на истата седница судот одлучи да се запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

Утре судот ќе расправа и по инцијативата со која се оспорува Одлуката на Владата од октомври 2022 година со која, на општините им забрани да формираат јавни претпријатија за улично осветлување кои ќе купуваат струја на регулираниот пазар, каде цената е многу пониска.

„Во иницијативата се наведува дека оспорените одредби на одлуката се непрецизни и двосмислени и оставаат можност за различна примена на Законот за јавни претпријатија, Законот за трговски друштва…Во една од иницијативите е наведено дека од една страна е пропишано забрана на општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување, а од друга страна одредби на законите предвидуваат дека истите може да основаат јавни претпријатија во согласност со закон како и да бидат дел од регулираниот пазар на електрична енергија, со цел да вршат дејности од јавен интерес на територијата на целата држава“, информираат од судот во врска со оваа иницијатива.

Со цел да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, Владата на крајот на октомври 2022 година донесе одлука со која на општините и на Градот Скопје им се забранува да основаат јавно претпријатие, друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво за вршење дејност од јавен интерес – јавно осветлување. Како што соопшти тогаш пемиерот Димитар Ковачевски одлуката е донесена поради тоа што владата имала сознанија дека општините основале јавни претпријатија или дејности за јавно осветлување или таа улога им ја доделиле на постоечките јавни претпријатија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ