Според Судот, подносителот на барањето, какo новинар вработен во дигиталната редакција www.sdk.mk, заедно со други новинари, бил присутен во зградата на Собранието, со задача да известува за случувањата околу изборот на нов претседател на Собранието, како прашање од јавен интерес, на начин што е вообичаен за известување на медиумите за работата на Собранието.
Подносителот на барањето, бил оневозможен како новинар да ги изрази своите мислења и идеи без страв, на начин што од страна на државата не била исполнета нејзината позитивна обврска – да го заштити подносителот на барањето во наведените вонредни и насилни околности и да овозможи да ја информира јавноста за настаните во Собранието.
Ова е пропуштено да се утврди со пресудите на Граѓанскиот и на Апелациониот суд, со што е сторена повреда на неговата слобода на мислата и јавното изразување на мислата гарантирана со член 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и член 16 од Уставот на Република Северна Македонија.
Според Уставниот суд слободата на медиумите како составен дел на слободата на изразувањето ја опфаќа слободата на јавното информирање и примање, пренесување на информации, што претставува една од основите на демократското општество, бидејќи слободната комуникација на информации и идеи за политичките и другите општествени прашања од јавен интерес се од суштинско значење за секое општество.
„Ова имплицира слобода на медиумите да добиваат информации врз основа на кои тие ќе можат да ја остваруваат својата улога, да коментираат и известуваат за сите значајни прашања од јавен интерес, без граничувања со цел информирање на јавноста“, велат од Уставниот суд.