„Посоченото лице првенствено вработените кои ги претставува, а потоа и сите останати граѓани ги доведува во заблуда со изјавата дека наместо да дебатираат со претседателката на Уставниот суд и министерот за финансии внатре, тие дебатираат преку вас медиумите“, се наведува во соопштението од Уставен суд.
Во рамките на постапувањето и одлучувањето, Уставниот суд, како што посочуваат оттаму, не преговара со никого, единствено оценува уставност и законитост на актите и ниту една одлука на Судот не смее и не може да биде предмет на преговарање со ниту еден субјект.
„Од друга страна, Уставниот суд не го негира правото на граѓаните да изразат незадоволство преку протест, што е впрочем уставно загарантирано право, но мора да се нагласи дека судот при одлучувањето за поведување на постапка не одлучуваше со намера да наштети на правата на вработените, туку да ја заштити уставноста, која во овој случај постои како сомнеж“, се наведува во соопштението.
Судот, велат оттаму одлучува во насока на остварување на правата на сите вработени, но не врз основа на дискриминирачки и неуставни одредби како што е во случајот.
Уставниот суд информира дека е неточен заклучокот дека т.н. времена мерка е донесена само поради една околност која била јавно спомената.
Во овој случај, Судот донесе Решение за запирање на извршувањето врз основа на овластувања од членот 27 од Деловникот и образложението за оваа мерка е содржано во Решението кое е објавено во Службен весник.
„Конечна одлука ќе биде донесена во најкраток можен рок, како што и впрочем предвидел Деловникот, а тоа е периодот во кој тимот кој работи на предметот ќе го подготви рефератот со конечен предлог откако ќе добие мислење од доносителот на актот за што е предвиден рок не подолг од 30 дена. Недозволиво е да се прејудицира каква ќе биде конечната одлука“, нагласуваат во соопштението од Уставен суд.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски денеска ги повика претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска и министерот за финансии, Фатмир Бесими да покажат добра волја за да се надмине проблемот со дел од вработените во Министерството за финансии (МФ) кои пред 11 месеци добија надополнување на платата од 30 отсто, а за кои Уставниот суд донесе времена мерка со која од овој месец надполнувњето не им се исплаќа сѐ до конечна одлука на судот.