На дневниот ред на 27-та седница на Уставниот суд, закажана за 9 октомври се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, како и гласање по шест предлози за донесување на конечни одлуки и да утврди пет нацрт- решенија.
Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Судот по неколкучасовна расправа, донесе одлука да поведе постапка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор – (Член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Законот за административни службеници – (Член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“), Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас при вработување во јавен сектор – (член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадноста на заедницата/заедниците“, член 2 став 2 и 3 член 3, став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“), Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор – (член 3 став 1 алинеја 8), како и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување.
Балансерот е алатка за вработување во јавната администрација, односно механизам за спроведување на Охридскиот рамковен договор во делот за соодветна и правична застапеност на малцинските заедници. Во повеќе од дваесетгодишната практика на примена на балансерот, постојано беше предмет на контроверзност од правен и политички аспект. На одлуката на Уставниот суд да отвори предмет за преиспитување на уставноста на балансерот, со негодување реагиораа партиите од албанскиот блок, како од опозицијата, но и оние што се дел од владејачката коалиција, кои сметаат дека со неговото укинување се „намалуваат стекнатите права“ пред сè на албанската заедница во државава.
„Кога станува збор за политичката оправданост за Уставниот суд да ја преиспитува и да одлучува за уставноста на балансерот, веќе се чини дека е созреан амбиентот за тоа. Од правен аспект, оваа одлука многу доцни. Балансерот, како некаков критериум за вработување во јавната администрација, наводно за унапредување на правата на малцинствата, е наша „имислица“ и нема врска со каква било светска практика во други мултиетнички држави. Никаде нема закон, или правна правна поткрепа за алатка која форсира во општеството една (малцинска) заедница на сметка на другите заедници“, вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.
Ј.П.