сабота, 27 јули 2024

Уставен суд ќе испитува дали и кои викендици во Маврово се граделе незаконски

Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за да испита дали одлуките на општина Маврово-Ростуше за усвојување на урбанистичките планови за селата Маврово, Леуново, Никифорово и Анови се во согласност со Уставот и дали истите се законски донесени. МКД.мк дознава дека третата иницијатива за испитување на уставноста на Одлуката за отстапување на водоводот на стопанисување на хотел Радика била отфрлена.

Објавено на

часот

Сподели

Според извори на МКД.мк на конечната одлука и претходела остра дебата дали Уставниот суд треба да се впушти во оценување дали урбанистичките планови од 2001 и 2015 година, врз основа на кои се изградија стотици дивоградби, а за дел од нив има и решенија за уривање се во согласност со Уставот и дали тие се донесени законски.

За третата иницијатива за испитување на уставноста на Одлуката општина Маврово-Ростуште да му го отстапи општинскиот водовод на стопанисување на хотел Радика судиите се согласиле дека треба да биде отфрлена со обраложение дека тоа е поединечен акт во кој се утврдени меѓусебните права и обврски меѓу давателот и корисникот на услугите и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти.

„Судот во оваа фаза од постапката меѓу другото изрази сомнеж дека Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Леуново, Никифорово и Анови објавена во 2001 година во моментот на донесувањето ја немало потребната согласност од надлежниот орган, односно од Министерството за транспорт туку е прибавена три месеци подоцна. Во однос на Одлуката за усвојување на урбанистички план за село Маврово донесена во 2015 година, судот исто така изрази сомнеж дали мислењата кои се прибавени од надлежните органи се во согласност со Законот за градење, Законот за заштита на води и Законот за заштита на природата кои тогаш биле во важност“, соопштија од Уставниот суд.

Оттаму напоменуваат дека ова се дел од аргументите поради кои Судот ги донесе конкретните одлуки и решението, кои во понатамошната фаза од постапката ќе бидат разгледани по што ќе биде донесена и конечна одлука.

Иницијативата за испитување на уставноста на трите одлуки е поднесена од адвокатот Драган Пешевски кој бара одлуките да бидат поништени што ззначи дека од истите никогаш не произлегла било каква правна последица. Во Иницијативата меѓу другото пишува дека при носењето на одлуките општината била должна да прибави мислење од Министерството за животна средина, што не било направено иако се работи за облигаторна норма и дека Одлуката е спротивна на член 16 од Законот за заштита на природата, кадешто се пропишува дека користењето на просторот во заштитените подрачја се спроведува во согласност со просторниот план на Република Македонија.

„По повеќе часовна дебата, спротиставени мислења на судиите од Уставниот суд, дури кај некои и страв од последиците што оваа постапка може да ги има, сепак е донесена одлука за поведување на постапката. Дивеењето во оваа општина и уништувањето на националниот парк мораа да се сопрат. Голем ден за Маврово, мавровчани, за целиот Национален парк воопшто и голема победа во поглед на зачувување на животната средина и здравјето на луѓето“, изјави за МКД.мк, адвокатот Пешевски.

Според Уставот, правото на здрава животна средина е уставно загарантирано право и секоја одлука донсена во оваа област мора да биде во согласност со највисокиот правен акт во Македонија.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ