сабота, 27 јули 2024

Уставен суд ја укина Одлуката за забрана за примена на спорниот ДУП во Куманово

Уставниот суд денеска ја укина Одлуката за суспензијата од приемна на Деталниот урбанистички план (ДУП) во дел од урбаната единица Б.С. Гојчо во Куманово, донесен на седница на општината, бидејќи оценил дека има отстапки во постапката за донесување на оспорената одлука. Судот, како што наведуваат во соопштението, оценил дека Одлуката е донесена во спротивност со дел од Законот за урбанистичко планирање. Одлуката не е донесена едногласно затоа што уставната судијка Ана Павловска Данева не се согласила со мнозинството судии и дала издвоено мислење.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Уставниот суд на денешната седница ја укина Одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. Б.С. Гојчо, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу булевар Трета МУБ, улица Перо Чичо, улица Прва петолетка и улица Миле Кипра-Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3.24хектари, со технички број 18/18 од јули 2021, изработен од ДУПИ Планерис ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, донесен со Одлуката бр. 09-9525/41 од 28.12.2021 година, број 09-4569/3 од 6 јуни 2023 година („Службен гласник на Општина Куманово“ број 9 од 07.06.2023 година), донесена на 6 јуни 2023 година од страна на Советот на општина Куманово“, информираат од Судот.

Уставниот суд оценил дека има отстапки во постапката за донесување на оспорената одлука, кои претставуваат повреда на начелото на владеењето на правото, предвидено со Уставот. Судот оценил дека Одлуката за суспензија на Деталнот урбанистички план е донесена во спротивност со дел Законот за урбанистичко планирање.

Како што се наведува во соопштението, согласно Законот, по претходно добиено мислење од министерот за транспорт и врски, барателот на мислењето, Општина Куманово изработува стручен елаборат и во конкретниот случај добиеното мислење не е во насока за донесување на оспорената одлука за суспензија, бидејќи Општината не успеала преку стручниот елаборат за суспензија да докаже постоење на штета по јавниот интерес.

„Конкретно, во мислењето од надлежниот министер за транспорт и врски се наведува дека стручниот елаборат на општината не содржи конкретни податоци со кои се докажува несомнена штета по јавниот интерес, која е воочена во текот на спроведување на планот. Урбанистичкиот план кој е суспендиран со оспорената одлука на Општината, е донесен на 28 декември 2021 година“, информираат од Уставниот суд.

Одлуката не е донесена едногласно затоа што уставната судијка Ана Павловска Данева не се согласила со мнозинството судии и дала издвоено мислење.

„Моето мислење е дека Уставниот суд е должен да ја цени законитоста на постапката спроведена од страна на општинските совети што во случајот на спроведување на својата надлежнст за урбанистичко планирање, кое вклучува и одлучување за суспендирање на примена на детални урбанистички планови, подразбира оцена само на исполнетоста на законски пропишаните услови за спроведување на постапката, а не и впуштање во материјална расправа за содржината на стручките елаборати и мислења и на евентуалната загрозеност на јавниот интерес, односно дали таква постои и во кој степен. Дополнителен аргумент во прилог НА погореизнесеното становиште е и содржината на македонското севкупно позитивно законодавство од областа на административното право, каде бројни законски прописи утврдуваат надлежност на органите на државната управа, првенствено министерствата, да издаваат согласности и/или одобренија или пак изрично потенцирани позитивни мислења на општите акти на советите на оштините или од нив основаните јавни установи. На тој начин, органите на државната управа ја вршат својата надлежност која во правната теорија се нарекува спроведување на превентивен или дополнителен надзор врз законитоста (а, понекогаш и целисходноста) на општите акти на единиците на локалната самоуправа, се разбира, кога е тоа изрично утврдено со закон. Логичен правен заклучок е дека законодавецот прави јасна дистинкција помеѓу мислењата, согласностите, одобренијата и позитивните мислења на органите на државната управа ви-за-ви единиците на локалната самоуправа, пришто, содржината на последните е правно задолжителна за субјектите на кои им се издава бидејќи со нив изрично може да не се дозволи стапување во сила или времена забрана за продолжување на правното дејство на одреден општ акт, за разлика од мислењата чие постоење/издавање како дел од постапката е задолжително, но не и нивната содржина, тргнувајќи од самостојноста и стручниот потенцијал на општините при вршење на своите законски утврдени изворни оваластувања. Во случајот на донесување на Одлуката на Советот на Општина Куманово за суспензија на примената на Деталниот урбанистички план, Законот за урбанистичко планирање предвидува само мислење од Министерството за транспорт и врски како услов, а не и позитивно мислење. Конечно, законодавецот го става јавниот интерес како врвен приоритет над приватниот интерес и токму од таа причина треба да се применува толкувањето дека самото постоење на мислење на Министерството за транспосрт и врски без оцена дали е тоа позитивно или негативно е доволен услов за донесување на одлуки за суспензија на деталните урбанистички планови на општините“, смеа судијката Павловска Данева.

Подносители на иницијативата се градежните компании УПМ-Груп  Хромак Емил, и двете од Куманово кои веќе водат судска постапка против кумановскиот градоначалник и кандидат за претседател, Максим Димитриевски. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ