сабота, 27 јули 2024

Уште никој не знае од каде доаѓа непријатната миризба во хируршките сали, ама ќе се набавува компресор

„Пегаз“, „Трегер“, „Винора“, „ТГС технички гасови“, „ЛГ вест Балкан“… се фирмите од кои Министерството за здравство побарало помош за непријатната миризба по хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. Веќе четири недели трае проблемот, никој до сега не го детектирал изворот на непријатната миризба, а министерот за здравство Илир Демири пред неколку дена изјави дека дал налог, „независно колкава е цената, таа компресорска станица да се реновира“. И неговата заменичка Маја Манолева е за набавка на нова компресорска станица.

Објавено на

часот

Сподели

Зошто тоа се прави кога никој до сега не открил од каде доаѓа таа непријатна миризба? Стручните лица велат дека компресорската станица работи. Во заедничките служби на клиниките, кои ги одржуваат системите, велат дека пред два месеца се расипал еден од компресорите, но работат со останатите два и оти во ниту еден момент не запреле со работа. А во извештаите на сите експерти од споменатите фирми никаде не пишува каде е изворот, што е проблемот.

Од фирмата „Винора“ утврдиле дека во операционите сали има „зголемена влажност во амбиенталниот воздух од 95 проценти, а непознат мирис е забележан после апаратот за анестезија. При ваква влажност на амбиенталниот воздух, мирисите во амбиенталниот воздух се со зголемен интензитет“, стои во извештајот на „Винора“.

Контрола извршија и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, но инспекторите се прогласија за ненадлежни во овој случај.

Стручњаците од германската фирма со претставништво во Србија прават вонредно испитување во компресорската станица и во операционите сали во хируршките клиники, по што треба да дадат препораки што да се прави.

Хируршките сали се затворени поради миризба од непознато потекло, а се оперираат само итните случаи. Сомневањата се дека миризбата потекнува од системите за компримиран воздух и кислород.

За овој проблем први алармираа од ВМРО-ДПМНЕ со сомневање дека можеби операционите сали во хируршкиот центар се затворени поради бактерија МРСА, а не поради системот за компримиран воздух. Но, оваа шпекулација беше веднаш демантирана од хирурзите. За бактеријата МРСА се чекаат резултатите од германска лабораторија.

Заменик министерката за здравство Маја Манолева изјави дека на средба со директорите на хируршките клиники се договориле сите операциони сали во хируршки центар да почнат со работа со користење на надворешни компресори и со посебни садови за компримиран воздух. Така досега функционираа само три операциони сали кои се користеа за оперирање на итни случаи и за операции кои не може да се извршат во другите две скопски болници.

Додека траат испитувањата, пациентите се пренасочуваат во болницата „Св. Наум Охридски“ и во ГОБ „8 септември“. Се оперираат само итните пациенти, другите операции се одложуваат, засилени се хируршките тимови, собите за пациенти се полни.  На Хируршки клиники ќе се прават само итни и комплицирани операции. Во болницата „Свети Наум Охридски“ ќе се оперираат итни пациенти за неврохируршки операции, а ГОБ „8 Септември“ ќе се прават останатите итни операции.

Неизвесноста за пациентите и за лекарите продолжува. А од Јавното обвинителство соопштија дека обвинител ќе проверува дали има елементи на кривично дело во овој случај.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ