Со вакви соседи како Грците човек не може ни да се насмее. Од василичарскиот карневал во Вевчани направија уште поголем маскенбал. И Нушиќ би им позавидел на блескавата сатира што ни ја приредуваат неколку дена по Василица. Малку фали да почнат да ни протестираат и за сите можни хуморески, бурлески, скечеви во кои на каков било начин се спомнува недопирливото име Грција.
Од летоска им пречи навивачката „Излези момче“, од завчера ги нервираат вевчанци, а денеска трн во око им станавме ние – новинарите. Сè што објавија македонските новинари по неуспехот на последната рунда разговори (неуспехот е заслуга исклучиво на грчкиот преговарач) во Њујорк било лажно. Е, баш се навредивме!
Грците, односно портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи Делавекурас, тврди дека сè што било објавено во Скопје било лажно. Сака да каже дека ние новинарите два дена во Њујорк и една недела потоа сме дувале балони, дека нашиот сосед бил несериозен во разговорите и дека сака да ги стави под мраз. И сега кога пукна балонот (срамот) во Грција, и пошироко (за тоа нели разбрал и Филип Рикер) виновни сме ние. Виновни се и вевчанци, нормално. Како што тргнале, ништо чудно за фијаското кај Нимиц да нè обвинат и поради страсното навивање и бодрење на ракометарите во Ниш со „Излези момче“.
Дотогаш ќе си се занимаваат со вевчанци, иако мислам дека Грција тука ептен ја утна. Сигурно немаше толку да се запалат и да ја малтретираат амбасадорката да разнесува протестни ноти да знаеја дека си имаат работа не со кого било, туку со Република Вевчани.
Сепак, мора да признаеме дека сите овие наши работи – вевчанци што бараат да бидат трета страна во спорот за името, новинари што лажат, спортски навивачи со големи територијални претензии, нервираат. А кога човек е нервозен, тој е и деконцентриран, каков што беше грчкиот преговарач Василакис во Њујорк. Тој во момент на изгубена мисла им кажал на грчките новинари дека потајно се готви сценарио за замрзнување на преговорите (што, секако, сите ние го објавивме). И откако се случило трезнењето дома, Делавекурас вели дека сè било лага. И конструкција. И иредентизам. И провокација. И антигрчка пропаганда. Премногу работи за да се соберат во една протестна нота.
А Грција штанца протестни ноти како што до уши вљубено момче штанца љубовни писма. И кога таквото момче ќе стане бесно, почнува да се лути, почнува и да додева. Во последното протестно писмо Грција ни се налути за „погребот“ на нашата нервозна сосетка, за костимите со сонцето од Вергина, за тоа што државата платила да се прави тоа што се направи во Вевчани, за тоа што министерката за култура ја отворила манифестацијата… И што уште не. Па, во Вевчани имаше карневал, нели?
Во Вевчани немаше воена парада на до заби вооружена војска, плус тоа стокмена за грчкиот Ден на независноста, и уште издресирана да јуриша со антимакедонски пароли, националистички скандирања и шовинистички песни. Тоа се случи на парадата во Атина последниот пат, но не и единствен. Претходно ист таков настап грчката војска имаше и на парада во Солун. Не знам дали некој ќе се сети како тогаш се правдаше Грција преку Александра Пападопулу, грчката амбасадорка во Скопје:
„Ова е изолиран инцидент и не треба да се сфати надвор од неговите пропорции. Тој треба да биде осуден и е осуден. Тој не ги претставува грчкиот народ и ставот на грчкиот народ, менталитетот и ставот на Грците. Затоа ве молам, не му давајте поголеми размери на овој изолиран инцидент. Тој не треба да се искористи за политички или други слични цели, бидејќи тоа нема да помогне“.
Било изолиран случај. На парада по повод национален празник Грците си дозволија да им упадне „изолиран инцидент“! И уште „Ве молам не му давајте поголеми размери“. А може ли нешто што ги надминува сите црвени линии да биде со мали размери?!
Потоа исто така од грчката амбасадорка во Скопје дознавме дека единицата што го предизвикала инцидентот не била дел од армиските сили, туку од крајбрежната стража.
А како упаднале овие крајбрежни стражари на воена парада каде што е испланиран секој чекор на секој поединечен војник ни до ден-денес не разбравме!
Во македонската вевчанска приказна сè се знае. Карневал е! И тоа многу автентичен и многу повпечатлив од карневалот што го почна Василакис во Њујорк (пропагираше конструктивност и добра волја за решавање на спорот, а заговараше замрзнување на преговорите), а го продолжија Делавекурас во Атина и секако Пападопулу во Скопје со последната грчка протестна нота.
И сега, кој може да излезе на крај со Грците, кога ни се лутат и кога се шегуваме и се веселиме?