петок, 26 јули 2024

Урбаната мафија во Карпош го има својот стар сојузник Јакимовски, реагираат Независни за Карпош и Левица

Додека Министерството за култура вели дека постапува по нашето барање, на терен почна подготовката на теренот за згради на парцелата позади Воена болница, реагираат советниците од Независни за Карпош. За почетокот на градбата реагираа и од Левица, партија која исто така има советници во Општина Карпош.

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството за култура се бара да го преиспита позитивното конзерваторско мислење потпишано од директорот кој е во домашен притвор за издавање на исто такво позитивно мислење за реконструкцијата на споменик во Скопската чаршија.

На терен местото се оградува, има чувар, има монтажна куќа, донесени се булдожери…

„Во општина официјално нема заведено Одобрение за градење, а нема и Одобрение за подготвителни работи. Поднесовме пријава до градежен инспектор да излезе на терен и да види што се случува. Очигледно е дека тука некој работи без дозвола, или пак ако има дозвола таа сè уште не објавена ниту регистрирана како таква во системот на Општината. Свесни сме дека градоначалникот многу добро знае дека се води постапка и на кој начин е добиено позитивното конзерваторско решение кое е тотално нелигитимно бидејќи е изготвено спротивно од правилник, со потпис на човек кој во моментот е притворен за злоупотреба на службена положба“, реагираат од Независни за Карпош.

И Левица смета дека има повторно изигрување на одлуките на Советот на општината, дека градоначалникот одобри парцелизација на земјиштето помеѓу бензинската на Макпетрол и болницата Жан Митрев, и со тоа овозможи фирма на Орце Камчев да се стекне со простор за изградба на 17-катница.

„Јакимовски гротескно се обидува да манипулира со граѓаните, прогласувајќи го за успех намалувањето на катноста на зградата од претходниот план за 28, на ‘само’ 17 ката.

Но, очигледен е фактот дека бизнис интересите на инвеститорот Фатмир Етеми и земојопоседникот Орце Камчев се побитни, отколку зачувувањето на урбаниот лик и квалитет на живот на карпошани.

Изградбата на ваков објект подразбира дополнителни 2.000 жители, 1.000 автомобили од станари и посетители на деловниот простор, 500 деца во веќе преполнетите општински градинки и училишта, градежен и сообраќаен хаос, намалување на општинското зеленило…

Дополнително, објектот нема добиено позитивно конзерваторско одобрение за градба бидејќи оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик, поранешна Воена болница. Не е испочитуван правилникот за минимална должина на разделниот појас од најмалку 20 метри оддалеченост од бензинска станица, бидејќи овој проект предвидува само 13 метри. Спорна е и изградбата на објект со висина од 60 метри во непосредна близина на болница во која за итни медицински интервенции слетуваат хеликоптери, но не е добиена потврда од Агенција за цивилно воздухопловство.

Урбаната мафија го има својот стар сојузник Јакимовски повторно на своја страна. Најавуваме отворена битка против оваа штетна одлука за Карпош“, велат од Левица.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ