сабота, 27 јули 2024

Ураганите стануваат толку силни што е потребна нова категорија, предупредуваат научниците

Научниците во новото истражување наведуваат дека поради климатските промени, ураганите станале толку силни што треба да се воведе нова категорија на сила 6 (досегашната скала има категории од 1 до 5) за таканаречените „мега-урагани“.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на изминатата деценија, забележани се пет бури кои би можеле да се вклучат во новата категорија. „Мега-урагани“ се бури при кои дува постојан ветер од 308 км/ч или повеќе.

„308 км/ч – тоа е веројатно побрзо од повеќето Ферари, тешко е и да се замисли. Не би било добро да се биде сред ураган со таква јачина“, вели Мајкл Венер од Националната лабораторија Лоренс Беркли во САД, како што објави Гардијан.

Во истражувањето, научниците предложија проширување на Сафир-Симпсоновата скала на ураганите, која беше развиена во раните 1970-ти од страна на инженерот Херберт Сафир и метеорологот Роберт Симпсон.

Според споменатата скала, секој ураган со трајна максимална брзина на ветер од 119 км/ч или повеќе спаѓа во категоријата 1. Како што се зголемува брзината на ветрот и се зголемува опасноста по имотот и животот, нивото на категоријата се зголемува. Ураганите со постојан ветер од 252 км/ч и повеќе спаѓаат во највисоката категорија 5.

Бурите од оваа категорија предизвикаа огромни штети во последните години; како што е ураганот Катрина кој го опустоши Њу Орлеанс во 2005 година и разорниот ураган Марија во Порторико во 2017. Но, научниците велат дека поради климатските промени доаѓа до уште поекстремни бури кои треба да имаат своја категорија.

За пример го наведоа тајфунот Хаијан, кој уби повеќе од 6.000 луѓе на Филипините во 2013 година и ураганот Патриција, кој достигна максимална брзина од 346 км/ч кога се формираше во близина на Мексико во 2015 година.

„Досега ги немало во Атлантскиот Океан или Мексиканскиот Залив. Но, тоа е само чиста среќа бидејќи таму има услови да се формира ураган од 6-та категорија. Се надевам дека нема да се случи, но ништо не е сигурно. Бурите веќе станаа поинтензивни и тоа ќе продолжи“, рече Венер.

Иако поради климатските промени не се зголеми вкупниот број на урагани, значително се зголеми нивниот интензитет. Прегреаните океани и потопла, повлажна атмосфера им даваат дополнителна енергија на бурите. „Нашата главна цел е да ја подигнеме свеста дека климатските промени влијаат на најсилните бури“, вели Венер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ