петок, 18 октомври 2024

Еколошката штета од пожарите е голема, потребен е нов систем за менаџирање со кризи, констатира Управувачкиот комитет

Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за управување со кризи и кризен менаџмент, систем кој ќе може соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава, бара Управувачкиот комитет за управување кризи, заклучок кој комитетот го усвоил на денешниот состанок. Управувачкиот комитет бара ЦУК и ДЗС да бидат под една команда за справување со кризни состојби како пожарите. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција по одржаниот состанок информираше дека МВР отворило оперативна акција „Пожар 2024“ со која ги бара подметнувачите на поголем дел од пожарите.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција по одржаниот состанок истакна дека по пожарите во земјава увиделе дека систем за управување со кризи воопшто и не постои.

„Факт е дека и Центарот за управување со кризи (ЦУК) и сите останати институции делуваат во рамки на оние капацитетите што сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие, но факт е дека наследивме систем кој е руиниран и мораме суштински да го реформираме“, изјави Тошковски по состанокот.

Министерот посочи дека се размислува во насока на создавање на едно тело, односно спојување на ЦУК и ДЗС под една команда, како и формирање на специјална единица.

„Факт е дека треба да се реорганизираме суштински во насока на соодветна реакција за ваква кризна состојба. Се размислува во насока да се создаде едно тело во иднина кое што ќе ги има и капацитетите материјални и човечки капацитети да одговори соодветно на вакви кризни состојби. Тоа би било едно од можните системски решенија“, посочи Тошковски.

Тошковски кажа дека е факт дека поголем дел од пожарите се предизвикани од човечки фактор и затоа Министерството за внатрешни работи (МВР) отворило оперативна акција „Пожар 2024“ во која се вклучени сите Сектори за внатешни работи (СВР) во Македонија.

„Фокусирани сме на откривање на сторителите и засега се осомничени двајца за два кривично правни настани. Работиме да ја утврдиме вистината. Упатувам апел до секој македонски граѓанин кој има можност или сомнежи за предизвикување на пожари веднаш да информира, а полицијата навремено ќе одговори и жестоко ќе се бори против секој кој ќе се огреши посебно во овој дел да одговара“, рече Тошковски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по состанокот извести дека во моментов активни се седум пожари, повредени се неколку пожарникари и граѓани волонтери и засега нема потреба од странска помош.

„Успешно се справуваме со актуелните пожари, за денеска се најавуваат и врнежи кои, ако паднат, ќе ја стабилизраат состојбата, но ние активно гаснеме во текот на денот, не чекаме да заврне, па ако пожарите почнат повторно да диеват, а ресурсите не се доволни, има начин како многу брзо да пристигне помош од странство. Под контрола се ставени и пожарите на Серта, нема активно горење, но ситуацијата будно се следи. Немаме потреба од странска помош, земјава има доволно домашни ресурси. Пожарите зафаќаат голема терторија, се работи со силна динамика, очекувани се повреди, иако многу внимаваме на тоа, а најмногу внимаваме на безбедноста на гасначите и населението“, подвлече Ангелов.

На системот за управување со кризи му е неопходна длабока реформа. Ако се спојат ЦУК и ДЗС, би се добила една функционална институција, но и специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток, која би била мултифункционална – летно време ќе гасне пожари, а истовремено може да спасува и луѓе ако се заглавени на вода, планина, да вади луѓе од урнатини во случај на земјотрес“, рече Ангелов.

„Неопходна е длабока реформа на системот за управување со кризи. Целиот систем е нефункционален. Уште пред изборите разговаравме на оваа тема. Она што можам сега да го видам кај министрите, членови на Управувачкит комиет, постои цврста волја час поскоро системот да биде трансформиран во многу пофункционален кој со истите ресурси што ги имаме сега, ќе може да гасне повеќе пожари, побрзо и поефикасно. Новиот систем во првата фаза ќе биде поевтин од посточекиот“, рече Ангелов.

Моментно во ЦУК и во ДЗС, според него, има превработеност на позиции од кои нема потреба, а онаму каде требаат луѓе, нема.

„Тука ми беа прилично врзани рацете зашто затекнав таква состојба, во делот на вработувањата имав многу мала можност да извршам корекции. Во ЦУК сега има околу 300 вработени, а во ДЗС повеќе од 300, што е преку 600 луѓе. Сметам дека со помалку луѓе би добиле нова, функционална институција и плус специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток, која би била мултифункционална. Таквата единица би дала сосема нова димензија зашто детектираните слабости не може поинаку да се отсранат“, рече Ангелов на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.

Негова оценка е дека земјава има добри ТППЕ, но тие не се недоволни за ваков обем и динамика на пожари.

„Кај граѓаните постои погрешна перцепција дека ЦУК командува со сите сили на терен, но локален командир за пожарите е командиратот на ТППЕ, а ако пожарот е во шума, тогаш и лице од Национални шуми“, објасни Ангелов.

Според него, во ЦУК и ДЗС моментно има превработеност на одредени позиции, а нема луѓе таму каде што се потребни.

Според Ангелов, вчера на територијата на државата биле регистрирани вкупно 27 пожари, на отворено и шумски.

„Од овие пожари, седум се утрово активни, изгаснати се 16, а четири се ставени под целосна контрола. Пожарот во Општина Македонски Брод е засега најкритичен, а се движи кон ловиштето Јасен, селата Брезница и Тажево. Таму е веќе еупатен полициски хеликоптер кој почна со гаснење, а набрзо треба да пристигнат и два ер трактора на Дирекцијата за заштита и спасување. На некои од овие места гори и борова шума. Активен е и пожарот во Општина Пласница, во месноста Стрмол, каде гори мешана шума, во Долнени, во атарот на село Небрегово каде утрово е повеќе забележано чадење отколку горење. На територијата на Долнени има пожар и во атарот на село Гостиржани кој е префрлен од атарот на село Богоила, Општина Чашка, пожар има и во селата Мокрени и Габровник каде гори мешана шума и ниска вегетација, кај село Ореше кој е крак од пожарот во Гостиржани, нов пожар што пона вчера попладне, има и кај село Беловиште, Гостиварско, а зафати мешана шума. И тој е нов пожар“, рече директорот.

Штетата од пожарите, истакна, дополнително ќе биде утврдена од Национални шуми или од МЗШВ.

„Според мојата лична перцепција, на планината Серта најголем дел или преку 90 отсто, се изгорени трева, грмушки, трње, нискостеблести растенија и борови покрај патот. Економската штета можеби не е голема, таа е поголема во однос на ресурсите, но еколошката штета е голема, изгоре голем дел растенија чиј коренов систем ја одржува почвата па сега, при врнежи, може да дојде до ерозија“, рече Ангелов.

Со седницата раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа членовите на Комитетот Владо Мисајловски – министер за одбрана и Арбен Таравари – министер за здравство, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности – Стојанче Ангелов. На седницата присуствуваа и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Здравко Трајанов, директор на ЈП „Национални шуми“.

На состанокот не присуствуваа министрите Александар Николоски и Тимчо Муцунски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ