среда, 30 октомври 2024

Управниот суд ја поништи одлуката за одземање на надлежностите за тетовската гимназија

Општина Тетово денеска информираше дека вчера ја добиле пресудата на Управниот суд со која се поништува решението на Министерството за образование и наука (МОН) за одземање на надлежноста на градоначалникот на Општина Тетово по однос на целокупното работење на средното општинско училиште (СОУ) Кирил Пејчиновиќ.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Според раководителот на одделението за образование во општина Тетово, Валидин Адеми, Управниот суд во својата пресуда е јасен, дециден и категоричен дека Министерството за образование и наука (МОН) постапиле спротивно на Законот за средно образование.

„Од страна на МОН е донесено целосно неправилно и незаконито решение за одземање на надлежноста на градоначалникот на Општина Тетово и дека Министерството не пристапило воопшто кон утврдување факти и докази кои што би претставувале основа за донесување на одлуката со која на градоначалникот му се одземени надлежноста и ингеренциите по однос на СОУ Кирил Пејчиновиќ. Сакаме да потенцираме дека Управниот суд ја оценувал законитоста на оспореното решение за одземените надлежности на градоначаникот и јасно и недвосмислено во својата пресуда констатирал дека МОН сторило повреда на одредбите од Законот за средно образование, а фактичката состојба нецелосно и неправилно ја утврдило на штета на Општина Тетово“, изјави Адеми.

Тој оцени дека пресудата е победа на правдата и моќен одговор на незаконските обиди за влијание врз одлуките и работењето на образовните институции.

„Ова е победа со која се игнорираат политичките игри кои им штетат на граѓаните. Оваа победа на правдата не е само триумф на образовните институции, туку е и моќен предизвик против политичките игри кои под какви било околности се обидоа да ја корумпираат и да влијаат на правдата и интегритетот на образовниот систем. Во овој момент сакаме да нагласиме дека не можеме да дозволиме корупцијата да помине под незаконски молк, мораме одлучно да се спротивставиме на секој обид за манипулирање и корумпирање на нашите образовни институции. Оваа победа не е само за поединец или конкретна заедница, туку за сите наши граѓани. Тоа е пример дека со силен правен систем можеме да ги заштитиме правата и интегритетот на сите наши ученици“, истакна Адеми на денешната прес-конференција.

Општината ќе бара Министерството за образование и наука да ги надомести буџетските средства за периодот од јануари 2024 до јули 2024 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ