Првата седница е закажана во 10:30 часот, а последната во 22:30 часот. Седниците, како што стои на официјалната веб страница, треба да се одржат со временско растојание од два часа.
Коалицијата Европски фронт во изминатите денови на прес-конференции обвини за изборен инженеринг, односно дека преку ДИК се прави обид да им се одземат еден до два пратенички мандати.
Вчера и премиерот на техничката Влада Талат Џафери ги повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.
„Како премиер на Владата на Република Северна Македонија и одговорен за успешноста на изборниот процес на претседателските и парламентарните избори имам добиено извештај од учесниците во изборниот процес за вознемирување во однос на обиди за изборен инжинеринг со вонинституционален меѓупартиски договор за гласање и надгласување во ДИК во врска со симптоматичните приговори поднесени од страна на учесниците на изборите“, рече Џафери на прес-конференцијата во Владата.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ – 18, коалицијата Вреди 13, а движењето ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.